Хотелиерите правилно да го применуваат протоколот за работа, апелира Инспекцискиот совет – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/20 12:46 PM

Хотелиерите правилно да го применуваат протоколот за работа, апелира Инспекцискиот совет

– Хотелиерите, кои го очекуваа протоколот за работа што треба да стапи во сила в понеделник (22 јуни) сериозно да пристапат кон правилна примена на сите мерки од овој, но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови на обуки, апелира денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

Таа потенцира дека сите протоколи се значајни пред сè за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите.

Со Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други објекти за сместување), се предвидени процедури за хотелскиот дел, ресторански процедури; употребата на санитарните јазли, општи препораки за гостите и препораки за постапување при појава на случај со симптоми со Ковид 19.

Како што информираше, шесте инспекторати во период од 10-16 јуни, реализирале 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.

-Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 4.862 контроли, од кои најголемиот број односно 4.062 се инспекции извршени со поддршка на финансиска полиција или со припадници на полицијата и се поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, додека останатите се однесуваат на проверка на почитувањето на уредбата за замрзнатите цени на определени производи и поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите, информира Филиповска Грашкоска.

Од специфичните наоди при извршените контроли во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензиски станици, банки, пошти и обложувалници, инспекторите детектирале девет прекршувања на протоколите, од кои седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафатерии и угостителски објекти и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции.

Констатирани се, како што рече, незначителен број, или вкупно шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, пришто е укажано на правните лица и веднаш постапено.

-Во однос на првите недели, се гледа особен напредок во почитување на протоколите од страна на правните лица, но и поголема свест на граѓаните и тоа со задоволство го поздравувам. Апелирам да се продолжи во насока на целосно почитување на протоколите, пред и се во насока на заштитата на јавното здравје, истакна претседателката на Инспекцискиот совет.