На првообвинетиот за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски попознат како Боки 13, судот му изрече казна затвор од девет години, а на второбвинетата, поранешната главна обвинителка во СЈО, Катица Јанева, казна затвор од седум години.
Барањето на обвинителката Русковска за продолжувањето на притворот на обвинетиот Јовановски беше прифатено од страна на судот, но судот го одби барањето домашниот притвор на Јанева да биде заменет.
Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дуковски, му забележа на судот за непочитувањето на мерката притвор, затоа што и Европскиот суд за човекови права и Конвенцијата за човекови права наведуваат дека мерката притвор треба да биде ограничена. Продолжувањето на оваа мерка, според Дуковски, претставува казна за првообвинетиот, со оглед на што допрва треба одлуката на судот да стане правосилна.
Боки 13 беше прогласен од судот за виновен за две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание и перење пари, додека пак Катица Јанева за залоупотреба на службена положба и овластување.
-Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување, прибавувајќи за себе значителна имотна корист – мебел од 50.000 евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд во Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка ќуќен притвор, рече судијката Николовска-Масевска.
Во воведните зборови пред донесувањето на пресудата, судијката Николовска-Масевска изјави дека граѓаните имаат право да знаат кој, како и зошто им ја уништи вербата и моралот во правдата во оваа земја. Таа кажа дека чувствувала голем притисок од јавноста и токму поради тоа овој судски процес бил максимално транспарентен и објективен, со цел да се врати повторно вербата во судството на граѓаните.
-Веста дека овој предмет ми беше доделен токму мене, ја примив со голема тежина, бидејќи се работи за моја колешка. Човек сам по себе институција, човек во кого сите гледаа надеж. Веста ја примив и како притисок од јавноста, овој притисок ми наложи да размислам за еден нов пристап и си поставив за цел транспарентноста да биде примарна во овој судски процес. Важен процес за нас како општество. Штетата кој е нанесена на правосудните органи мора да се надомести. Граѓаните имаат право да знаат кој, како и зошто им го уништил моралот во правдата, рече во воведните зборови судијката Васка Николовска-Масевска.
Објавата на пресудата за случајот „Рекет“, кој започна во ноември минатата година, не беа присутни двајцата обвинети, затоа што Катица Јанева поради здравствени и семејни причини побарала да остане во домашен притвор.
Присутниот и првообвинет, Бојан Јовановски, одлуката на судот ја коментираше како тенденциозна и со интенција да се затскријат вистинските сторители на кривични дела во оваа земја. Тој изјави дека не планира да се впушти во бегство и дека одвај чека да оди во обвинителството и да ги сподели неговите информации и наоди.
-На ден на политичка кампања, вие донесовте политичка одлука. Ќе се согласам со адвокатот и ќе зборувам гласно да ме слушнат сите. Ова е политичка пресуда. Знам дека ќе го продолжите притворот бидејќи така ви е наредено. Одвај чекам да дојде први јули и да одам до обвинителството да ги пријавам сите вистински сторители на кривични дела во оваа држава. А ако барате рекет кај мене, сте погрешиле. Барајте рекет кај Зоран и Вице Заеви, изјави Јовановски и веднаш беше строго опоменат од судијката да не скршнува од темата.
Судот исто така донесе одлука и за конфискација на имотна корист на двајцата обвинети, стекната и прибавена во текот на периодот на сторувањето на кривичното дело. Времето поминато во притвор ќе им се пресмета на Јанева и Јовановски во изречената казна.
Давор Јосифоски