Хронологија на граничните конфликти меѓу Кина и Индија, најнаселените земји во светот – ММС
ММС

Објавено на: 06/18/20 7:33 AM

Хронологија на граничните конфликти меѓу Кина и Индија, најнаселените земји во светот

Најжестокиот инцидент меѓу двете држави од 1975 година наваму се случи пред три дена, со смртта на 20 индиски војници. Во последните години спорните погранични области честопати беа сведоци на конфликти, пишува агенцијата Анадолија (АА).

Според договорот потпишан меѓу Индија и Кина во 1993 година, беше решено војниците во граничните патроли да не носат оружје.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџијан, изјави дека вчера во регионот Ладак индиските војници сериозно го нарушиле договорот меѓу двете страни. Тие ја преминале границата двапати нелегално и извршиле провокативни напади врз кинескиот персонал.

Анураг Сривастава, портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, рече дека неговата земја верува во одржување на мирот во пограничните региони и решавање на разликите преку дијалог.

Во последните 70 години меѓу двете држави често се случуваат гранични проблеми.

Од 1947 до 1962 година Кина изгради пат долг 1.200 километри што ги поврзува западниот дел на Тибет и ујгурскиот автономен регон Ксинџијанг. Патот во должина од 179 километри поминуваше низ кинескиот регион Аксаи, за кој Индија тврдеше дека е нивен.

Во 1960 година, официјалните претставници од двете земји водеа разговори за решавање на граничниот спор, врз основа на договорот меѓу индискиот премиер Џавахарлал Нехру и неговиот кинески колега Џу Енлај.

Три илјади Индијци и 700 кинески војници ги загубија животите во војната меѓу двете држави во 1962 година. Војната изби поради несогласување за границата.

– 11 септември 1967 година, судири во Натху Ла и Чо Ла –

Кинеската Армија го нападна индискиот воен пункт во Натху Ла, планински превој на истокот наиндиската сојузна држава Сиким, по што избија судири меѓу двете држави.

– Октомври 1975 година –

Четворица индиски војници ги загубија животите во инцидентот во Тулунг Ла, кој се наоѓа во регионот Таванг, во индиската држава Аруначал Прадеш. Инцидентот подоцна беше опишан како несреќа предизвикана од две патролни возила што го загубиле патот во маглата.

– Април 2013 година –

Индија објави дека кинеските трупи навлегле во контролната линија (FAC) меѓу двете земји и во местото Даулат Бег Олди формирале камп. Подоцна, Индија истакна дека кинеските трупи напредувале 19 километри.

Бидејќи војниците на двете држави поставија кампови едни кон други, тензиите завршија кога војниците се повлекоа на почетокот на мај.

– Септември 2014 година –

Индија започна со изградба на канал во пограничното село Демчок во Ладак, за што протестираше Кина. По инцидентот, Кина ги испрати своите трупи во областа. По три недели тензијата заврши кога војниците од обете страни се повлекоа од таа област.

– Септември 2015 година –

Откако индиските трупи што ја демонтираа стражарската кабина изградена од кинески војници, војниците на двете земји се соочија со подрачјето на Буртс, северно од Ладак.

– Јуни 2017 година –

Воен судир се случи во спорниот регион Доклам во Индија, во близина на индиската сојузна држава Сиким и преминот Дока Ла по должината на границата со Бутан.

Кина започна да гради пат во регионот. Два дена откако започна изградбата на патот, Индија, на 18 јуни, интервенираше со своите војници.

– Август 2017 година –

Во настаните кај езерото Пангонг, кое се наоѓа на надморска височина од 4.350 метри, беа повредени голем број војници од двете страни. Индиските медиуми објавија дека 72 индиски војници се повредени, а некои од нив хоспитализирани.

– 5 мај 2020 година –

Оваа година се случи конфронтација меѓу индиските и кинеските војници околу езерото Пангонг, што се протега од Ладак во Индија до кинескиот автономен регион Тибет.

– 10 мај 2020 година –

Војниците на двете земји се соочија во долината Мугутанг во индиската сојузна држава Сиким. Според вестите на „Си-ен-ен“, во инцидентите беа повредени 11 војници, седуммина од нив кинески, додека четворица индиски војници. Во веста на „Press Trust of India“ беше објавено дека во настаните биле вклучени 150 војници.

– 21 мај 2020 година –

Кинеските трупи влегоа во долината Галван во Ладак, протестирајќи ја изградбата на патот од страна на Индија.

– 24 мај 2020 година –

Кинеските трупи изградија кампови во областите „Hot Springs, Patrolling Point 14“ и „Patrolling Point 15“. Во сите тие места се сместија од 800 до 1.000 кинески војници. Во областа испратени беа тешка машинерија и опрема за набљудување.

– 15 јуни 2020 година –

Дваесет индиски војници ги загубија животите во судирот меѓу индиските и кинеските војници во долината Галван, во регионот Ладак. Индиските медиуми тврдат дека 43 кинески војници се убиени или сериозно повредени.

– Пет договори меѓу Индија и Кина –

Во однос на проблемите во границата, меѓи Индија и Кина склучени се пет билатерални договори:

1993 година – Договор за заштита на мирот долж постоечката контролна линија во пограничната област Индија – Кина;

1996 година – Договор за мерки за градење на доверба долж постоечката контролна линија во пограничната област Индија – Кина;

2005 година – Протокол за методите на примена на мерките за градење доверба долж постоечката контролна линија во пограничната област Индија – Кина;

2012 година – Воспоставување работен механизам за консултации и координација долж постоечката контролна линија во пограничната област Индија – Кина;

2013 година – Договор за соработка за гранична одбрана меѓу Индија и Кина.