Со сведочење на еден од рибарите кои на денот на убиството кај Смилковското Езеро во 2012 година се нашле на местото на инцидентот започна денешното рочиште за случајот Монструм. За време на испрашувањето од обвинителката Фатиме Фетаи на сведокот му се слоши и падна, по што судијата замоли сите да излезат од судницата.
Рибарот во своето денешно сведочење се потсети дека тој ден бил таму со уште тројца негови другари, а додека си оделе во попладневните часови ги пресретнал човек со автоматска пушка кој им рекол да бегаат, за да не ги убие. Тој рече дека човекот им се обратил на чист македонски јазик.
Тој исто така, раскажа дека кога со неговите другари тргнале кон дома виделе четворица луѓе како лежат на стомак, но наместо да им помогнат решиле да го продолжат патот бидејќи биле исплашени. Сведокот денеска рече дека пред да ги видат четворицата луѓе слушнал пукање во еден наврат, додека во изјавата што ја дал пред истражен судија рекол дека имало пукање во два наврата. Откако му беше предочено дека неговите искази се разликуваат, тој кажа дека настанот се случил одамна и затоа не може да се сети.
На денешното рочиште требаше да сведочат уште петмина сведоци, но дел од нив не се појавија во Судот.