Во пехчевското село Робово привршуваат градежните работи за изградба на првата од предвидените две улици кои се градат согласно проектот за подобрување на општинските услуги. Градоначалникот Драган Тренчовски кој изврши увид во работите, информираше дека по завршувањето на оваа улица ќе се гради уште една улица во Робово.
-Општина Пехчево овој проект го доби преку Министерството за финансии во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој. Градежните работи на улицата бр.,,1″ опфаќаат изградба на коловозна конструкција од тампонски слој, ситен песок и завршна обработка со бехатон плочки. Со реализација на оваа активност како локална власт покажуваме одговорност во решавање на сите проблеми, не само во ова село, туку и во целата општина, истакна Тренчовски.
Решавањето на проблемите со заостаната состојба на нерешена инфраструктура, како што додаде тој ќе продолжи и во наредниот период.
-За жал, во општината имаме низа вакви ситуации, но како сегашна локална самоуправа покажуваме одговорност во решавањето на сите овие проблеми. Долгорочното подобрување на улиците преку зголемување на техничкиот век на асфалтната површина, зголемената безбедност во сообраќајот, подобрување на сообрќајната поврзаност и комуникација и обезбедувањето сигурност на пешаците се главните цели на локалната самоуправа, додаде Тренчовски.
За граѓаните ова е решавање на децениски проблем.
-Оваа улица ја чекаме дваесет години, конечно најдовме човек да го реши проблемот, велат жители на селото.
Проектот за подобрување на јавните општински услуги во Пехчево, како што додадоа од општината, содржи пет пот-проекти, меѓу кои изградба на две или вкупно 4 улици во селата Робово и Умлена и доградба на трпезаријата во детската градинка ,,7-ми Септември” во Пехчево.