По вториот ден од првиот уписен рок во Делчево најголем интерес за гимназиско образование – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/20 7:04 PM

По вториот ден од првиот уписен рок во Делчево најголем интерес за гимназиско образование

По вториот ден од првиот уписен рок во средните училишта, во делчевската гимназија „Методи Митевски – Брицо” најголем интерес учениците покажаа за гимназиско образование. Според професор Роберт Цветковски во неколкуте подрачја од гимназиско и природно-математичко подрачје се запишани вкупно 77 ученици.

-По вториот ден од првиот уписен рок  имаме 44 ученици кои се запишани во општа гимназија, додека 33 ученика во природно-математичко подрачје. Останатите 11 ученици се запишани во текстилната и хемиско-прехранбена струка, информира Цветковски.
 Уписите како што додава тој се одвиваат во најдобар ред, согласно протоколите и по азбучен ред од презимето на секој ученик.
-Задоволни сме од одзивот во првиот уписен рок. До некаде 13 часот од очекуваните 111 ученици значи запишани се 89 што споредбено со првиот уписен рок од минатата година е подобра бројка. Се надеваме дека денес до 19 часот таа бројка ќе биде зголемена, додава Цветковски.
Од делчевската гимназија додадоа дека за учебната 2020/21, предвидено е учениците да  бидат распределени во 8 паралелки. Во прва година за следната учебна година делчевската гимназија „Методи Митевски Брицо” вкупно на располагање има слободни места за 222 ученици.

Валери Спасовски