Направен е увид во сите јавни здравствени установи и точно проценет е расположливиот број кревети и персонал. На Инфективната клиника од вчера практично се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница со дополнителни 72 кревета и во овој момент таму се сместени тројца пациенти. Ова одделение е целосно обезбедено со доктори и експерти по инфективна медицина, колеги интернисти и медицински сестри и е опремено со апарати за притисочна поддршка со кислород, пулсоксиметри, монитори и целата друга медикаментозна терапија која што е потребна за третман на пациентите.
Ова на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во однос на капацитетите во болницата во Битола, во овој момент таа располага со вкупно 20 слободни кревети, а овој капацитет со дополнителен број кревети може да се надополни и од другите одделенија.
– Во оваа болница состојбата со кадарот е добра и не недостига дури и ако се активираат поголем број кревети. На располагање се 16 кревети во болницата во Кавадарци, исто така целосно е подготвен и персоналот, специјалисти интернисти и медицински сестри и во овој момент таму нема сместени пациенти. Добри се и капацитетите и во Тетовската болница. Во овој момент таму има осум дијагностицирани пациенти со оглед на големиот број позитивни од овој регион. Направен е план да се обезбедат до 100 слободни кревети, со заземање кревети од одделенија кои сега не се користат целосно односно се ставени на некој начин во резерва, потенцира Филипче.
Тој рече дека во Охрид има уште пет слободни места, меѓутоа во договор и секојдневна координација со болницата во Битола, се обезбедуваат двете болници во смисла на регионални центри, пред се за третман и на пациентите коишто доаѓаат од Струга и од струшкиот регион.
– Во ГОБ „8 Септември”, каде имаше навистина голем притисок во изминатите денови има голем број на слободни кревети, близу 250 кревети, но таму сегашниот кадар е целосно посветен во третман на пациентите кои се таму сместени и во таа смисла, со поддршка со дополнителен број лекари и сестри, за што веќе е направен список на колеги кои ќе бидат на располагање, може да се сместат и нови пациенти доколку за тоа има потреба, истакна Филипче.
Појасни дека покрај персоналот, кој што го понудиле приватните болници, може да се очекува доколку затреба да се искористат и нивните сместувачки капацитети. Засега, додаде, тоа не е потребно, но го имаме во предвид како вкупна бројка на кревети, како и кревети за интензивна нега, нешто што го најавивме и што го сметавме како поддршка на нашите капацитети и на почетокот на кризата.