Инфективните одделенија и Клиниките се преоптоварени, дел од здравствените работници се навистина изморени по четиримесечна борба со коронавирусот, мораме да се подготвиме за амортизација за напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во земјава, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција.
– Од вчера на ротација во Скопје, на Инфективна клиника и во ГОБ пристигнаа 54 доктори и медицински сестри кои почнаа да работат. Со ова притисокот кој досега го имаше во изминатите денови е намален. Направен е и план за следни ротации и прераспределба како од Клиниките, така и од Здравствените домови низ земјава, рече Филипче.
Пополнетоста сепак како што нагласи министерот е далеку од максимумот, но сепак повеќето Kлиники и одделенија и имаат потреба од поддршка.
Во однос на состојбата на клиниките, посочи, на Инфективната клиника се примени 15 пациенти од кои седум се префрлени од Градската општа болницата „8 Септември”, вкупно се хоспитализирани 95 пациенти, на кислородна поддршка се 43 и нема пациенти на механичка вентилација.
– Во ГОБ „8 Септември” примени се 20 пациенти, вкупно хоспитализирани 109 пациенти од кои на респираторна машина се седум пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани 29 пациенти, во Штип 21 пациент, и во останатите одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, има вкупно 74 пациенти. На Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје во овој момент нема хоспитализирана пациентка која е позитивна на вирусот, има осум пациентки кои што се примени и за кои се чека резултатот од тестирањето додаде Филипче.