Во пресрет на отворањето на сместувачките капацитети денеска во Крушево се врши дезинфекција во институциите. Се дезинфицира во банките, во поштата, судот, во полицијата, во Управата за јавни приходи и кај другите субјекти на територијата на градот.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски порача дека се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.
– Ги преземаме сите мерки и токму дезинфекцијата е дел од тој процес. Обезбедуваме безбедна средина за граѓаните и за туристите во пресрет на отворањето на сместувачките капацитети. Ја следиме ситуацијата на теренот и гарантирам дека Крушево ова лето ќе биде едно од најбезбедните места и за граѓаните и за туристите, вели Христоски.
Како што информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, протоколите за работа на сместувачките капацитети во земјава се подготвени и ќе почне да се применуваат од 22 јуни.
Во Крушево во тек е завршниот процес на категоризацијата на сместувачките капацитети и обновата на решенијата и до крајот на месецов угостителите треба да се пријават на платформата на Министерството за економија за да ги користат ваучерите од пакетот „Дома си е дома”. Од ова Крушево очекува многу за заживување и спас на туристичката сезона зашто годинава не може да смета на околу 2000 странски гости и параглајдеристи.
Крушево располага со околу 1000 легла, два хотела одморалиште како и со 80-ина во манастирскиот комплекси. Околу 70 насто, се легла во приватна сопственост.