Повторно слаба година за пчеларите – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/20 1:11 PM

Повторно слаба година за пчеларите

Иако пролетта и летото се најпродуктивни периоди за работа на пчелите, нестабилното време, пред се ветерот и дождот ги намалуваат шансите за добар принос, и од година во година ги разочаруваат пчеларите кои очекуваат намалување на количината на мед.

Одгледувачите на пчели велат дека за се е потребно умереност, а пред се во временските услови, но доколку ја нема потребната температура на воздухот и мирното стабилно време, пчелите ќе нема што да донесат во пчелните сандаци.

– Не чини времето, и прашање е сега што ќе можат пчелите да соберат. Со дожд и ветер не можат да ми донесат и нектар. Овој месец ако не соберат ништо годината ќе пропадне – стравува пчелар од дојранскиот крај.

Уште еден проблем кој секоја година се јавува е крадењето на храната за домашните пчели, односно оние што пчеларот ги одгледува од страна на туѓи пчели или од диви пчели, објаснуваат пчеларите.

– Есента пак ќе ни се случуваат истите работи – да имаме грабеж или борба меѓу пчелите, помеѓу себе, но и со туѓи, диви пчели. Тие што се гладни и неможеле ништо да соберат од природата доаѓаат и ги напаѓаат домашните пчели, со добро разработена стратегија – вели истиот пчелар.

Пчелата постои веќе околу 30 милиони години и е единствениот инсект што произведува храна што ја консумираат луѓето, а тоа е медот.

Главниот проблем со кој се соочуваат пчеларите на денешницата е порастот на смртни случаи кај пчелите за кој не може да се одреди причината, како и таканаречениот ‘Синдром на исчезнување на пчелите’ присутен во САД кој е сериозен проблем кој загрижува.

Роза Шулева