Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, неговата сопруга Бисера и нивната тримесечна ќерка Далиа, на своја кожа го почувствува глобалниот здравствен проблем наречен- коронавирус, па по две недели поминати во страв и неизвесност на Инфективна клиника, сега се веќе дома. Двата негативни теста се победа над битката, но војната не е завршена, зошто и дома се продолжува со терапијата. Иако се уште не оздравен како треба, Зекири за mms.mk, сподели дел од маката што со неговото семејство ја помина последниве неколку недели.
Како се чувствуваш, дали оздрави, како ти е семејството?
-Се радувам што сме дома сите и што ја надминавме кризата. Од една страна буквално се чувствувам олеснет заради тоа, бидејќи изгубив повеќе од 10 килограми за овие две недели, а од друга страна сум исцрпен и ќе ми треба време да се соземам и вратам во нормала.
Како почна се? Кои беа првите симптоми? Или сите дознавте од тестирањето, бидејќи по објавата дека си позитивен рече дека немаш симптоми?
-Прва сопругата почувствува симптоми. Почна да поткашлува и веднаш се тестираше бидејќи разбравме дека лице со кое имавме контакт било суспектно за корона. На наше изненадување, сопругата излезе позитивна. Потоа имаше и болки во коските, па го изгуби чувството за мирис и вкус. Утредента се тестиравме и јас и тримесечната ќерка Далиа. Иако бев позитивен, првите денови немав никакви симптоми, но потоа одеднаш кренав висока температура и таа ме држеше повеќе од една недела. Веројанто од терапијата, потоа имав гадење, нагони на повраќање, болки во желудникот, дијареа и поблаг наод на белите дробови. По нашиот пример можам да заклучам дека симптомите кај секој од нас беа различни, исто како и текот на болеста.
За жал завршивте на Инфективна. Низ што поминавте за да сега на медицинскиот персонал му кажеш-благодарам?
-Максимална грижа за секој пациент од страна на докторите и персоналот, кои ни дадоа сигурност, дека има кој да води грижа за нас. Не постоеше место каде во тој момент би можеле да се чувствуваме посигурни. Со оглед на тоа дека за да се избориш со болеста не ти треба само силен организам, туку и здрава психа, огромно олеснување е да можеш слепо да се препуштиш на третманот и проценката од докторите инфектолози и педијатарот кои се покажаа исклучително темелни и врвни професионалци.
Колку ти беше страв како сето ова ќе се надмине, секако за тебе, за семејството, особено за детето?
-Најголемата грижа ми беше сѐ да биде во ред со детето и сопругата. Некако најмалку се грижев за себе. А реално јас најтешко поминав. Си дојдов дома со кутија лекови, што морам да ги пијам уште цел месец.
Какво беше чувството кога свати од кого сте заразени и кога мораше да ги набројуваш луѓето со кои си бил во контакт и кои можеби се заразиле од тебе? Бидејќи многумина не само што кријат за себе, туку ги кријат и можните преносители, што е многу страшно.
-Овие работи не се прашање на сентимент, сакам или не сакам, туку се лична и човечка одговорност!! Прво веднаш по тестот лично се јавив на лицата со кои бев во контакт за да ги известам, а потоа сите ги наведов во анкетата со епидемиологот за да може здравствените власти брзо и непречено да си ја вршат својата работа.
Дали си свесен од каде се зарази и колку ти се јавуваа за поддршка?
-Секако дека сум свесен. Знам од каде сум заразен. Драго ми е што многу совесни се јавуваа да прашат како сме. Ние се придржувавме на протоколот, никаде не излегувавме, но ете една грешка можеше да ја платиме со глава. Затоа на оние кои и натаму мислат дека вирусот не постои и сѐ уште имаат несериозен пристап кон Ковид-19 сакам да им порачам дека е крајно време да се освестат! Само со сериозен пристап кон алармантната ситуација низ која поминуваме како општество, со свест и совест, може да се спасат себе си, блиските и други недолжни луѓе! Искрено посакувам ниту еден да не мора да помине низ тоа што го поминав јас со моето семејство. Тоа не би му го посакал ниту на мојот најголем непријател!
Сега кога размислуваш што би им порачал на оние кои ниту себе се чуваат, ниту тие околу нив?
-Им порачувам што е можно побрзо да се освестат! Редно е да престанат да се занимаваат со теории на заговор, да ја релативизираат опасноста од вирусот и да и погледнат во очи на реалноста. Така може да се спасат себеси и своите најблиски.
Како сега се однесувате дома, и покрај тоа што болеста е зад вас? Дали се уште носите маски, дезинфицирате, се дружите или уште комуникацијата е само на далечина?
-Посети немаме ни сега, како што немавме ни претходно, па затоа маски дома не носиме. Но, кога ќе почнеме да излегуваме ќе носиме маски, ќе ги почитуваме препораките, како што носевме, како што почитувавме и до сега. Моментално сме под здравствен надзор во изолација, ги почитуваме сите препораки од докторите, во контакт сме со нив, ја примаме пропишаната терапија, а набавките ни ги завршуваат пријатели кои ни ги оставаат до врата. Така што преземени се сите пропишани мерки. По враќањето од болница дома дезинфициравме сѐ – тоа е навика што ја практикувавме и претходните три месеци кои главно ги поминавме дома во целосна изолација.