Без полицајци би имале анархија: Трамп потпиша уредба за реформи на полицијата – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/20 6:56 AM

Без полицајци би имале анархија: Трамп потпиша уредба за реформи на полицијата

Американскиот претседател Донлад Трамп потпиша извршна уредба за реформите на полицијата, три недели по смртта на 46 годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд во Минеаполис што покрена бран протести во целата земја но и пошироко, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Со уредбата, меѓу останатото, планирано е формирање на федерална база на податоци која би го следела насилното однесување на полицајците, забрана на тактики на гушење при приведување, освен кога е загрозен животот на полицајците, зајакната обука заради смирување на конфликтни ситуации и финансиска помош на државите на локалните полициски станици.

Трамп во обраќање на новинарите во Белата куќа изјави дека пред потпишување на уредбата разговарал со семејствата на Афроамериканците кои биле жртва на полициската бруталност.

„Тие луѓе ги изгубија своите најмили за време на полициска интервенција. Знаете дека американскиот народ ја дели вашата тага и болка. Вашите најмили не умреа залудно. Ние сме еден народ, заедно тагуваме и заедно закрепнуваме“, изјави Трамп.

Сепак, тој посочи дека сè уште се спротивставува на идејата за намалување на бројот на полицајци или за намалување на финансирањето за полицијата.

„Американскиот народ е свесен дека без полицијата ќе има хаос и анархија. Доколку немаме безбедност, би имале катастрофа“, додаде американскиот претседател, тврдејќи дека полицајците ги чуваат улиците и американските граѓани.

„Сепак мораме да ја зголемиме одговорноста, транспарентноста и да издвоиме поголеми средства за полициска обука. Намалувањето на криминалот и подигањето на стандарди за полицајците никако не се во коалиција“, изјави тој.

Тој нагласи дека е најважно да се обезбеди почитување на законот и јавниот ред во целата земја, додавајќи дека федералната влада е подготвена да направи сѐ за тоа да се случи.

Тој истакна сепак дека на полицијата ќе и биде забрането при приведување да го притиска вратот на осомниченото лице.

Уредбата за реформи на полицијата исто така налага формирање на сертификувани телa за обука на полицајци со посебен фокус на совладување на техниките за деескалација и стандардите за употреба на сила, а исто така ќе биде забрането вработување на отпуштените полицајци во некока друга полициска станица.

Предвидено е и воспоставување на служби за заеднички одговор, систем во кој полициските службеници во соработка со социјалните работници, ќе одговараат на повиците кои не се директно поврзани со насилство, особено оние кои се однесуваат на загриженоста во врска со проблемите на ментално здравје и употребата на дрога.