Ревидиран Роковник за предвремените парламентарни избори треба да донесе Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница закажана за 16: 30 часот. Ревидираниот Роковник се носи откако вчера политичките партии се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради ширењето на коронавирусот изборните дејствија беа одложени.
Владата на синоќешната седница донесе Уредба за изборите, со која треба да се усогласат активностите на ДИК.
Уредбата предвидува, на изборите за пратеници во Собранието, закажани за 15 јули се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
ДИК во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила. ДИК ги презема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.
Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.
Органот надлежен за извршување на санкциите во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до ДИК податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на Избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.
На 13 јули 2020 година ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик.
Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, ДИК формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик.
На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.
Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се преземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на ДИК.