Кризниот штаб во Гостивар апелира на поголема внимателност во периодот пред избори – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/20 12:52 PM

Кризниот штаб во Гостивар апелира на поголема внимателност во периодот пред избори

Меѓуопштинскиот кризен штаб по денешниот состанок оцени дека состојбата со пандемијата во гостиварскиот регион е под контрола. До граѓаните упатија апел за зголемена дисцплина и почитување на мерките, особено во периодот што доаѓа кога се најавени предизборни активности.

Кризниот штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше, во кој членуваат преставници на повеќе институции, денеска ги анализраа актуелните состојби со пандемијата. Беше забележано дека во последниве денови, здравствените власти не ги доставуваат извештаите со статистиките за новозаболени, активни, излекувани и починати, навреме како што тоа било практика изминатиов период.

– По утврдениот датум за избори нѝ следува период на предизборна кампања, што може да биде ризичен по здравјето на граѓаните. Препорачуваме сите институции и граѓаните стриктно да се придржуваат кон протоколите за заштита од корона вирусот и препораките кои ќе дојдат од надлежните институции. рече Арбен Таравари по 19-от состанок на кризниот штаб.

Во заклучоците беше напоменато да се преземат дополнителни мерки со појавата на редиците кои се создаваат пред филијалите и подружниците на банките. Тие деновиве заради економските мерки кои владата ги донесе, повторно се зголемуваат и се создаваат мешаници без одржување на пропишаната оддалеченост.

Работата на невладините организации и Црвениот Крст беше оценета како добра и дека спроведените активности се покажале како ефикасни.

Во гостиварската општа болница на лекување се седум лица кои имаа полесна клиничка слика и засега нема проблеми околу нивното згрижување.

Во заклучоците по состанокот се констатира дека до денеска, активни се 48 случаи, од кои 24 во Гостивар, четири во Маврово и Ростуше и 20 во Врапчиште.