Легендата на Ливерпул и сегашен тренер на шкотскиот вице-шампион, Глазгов Ренџерс, изјави дека од тимот на градот на „Битлси“, треба да започнат со изградба на статуа на Јирген Клоп, пред официјалното освојување на премиерлигашката титула.
За кревање на пехарот на Ливерпул им требаат само шест бодови во следните девет кола и се очекува после 30 години „пост“, германскиот стратег да биде првиот кој ќе им го донесе овој значаен трофеј.
Предноста од 25 поени (и еден меч повеќе од второпласираниот Сити) до прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот му донесе статус на божество на Клоп и поради тоа, се почести се иницијативите за оддавање чест на Германецот.
-Мислам дека Јирген Клоп е најдобриот менаџер во светот. Знам дека има одлични тренери, Гвардиола е посебен, Карло Анчелоти исто така и Евертон се среќници што го имаат. Има и многу други, но Клоп е единствен. Имајќи го ова двегодишно искуство како тренер во Ренџерс, сфаќам колку е тешка и предизвикувачка оваа работа. Почитта кон Клоп е огромна, изјави Џерард за „The Athletic“.
Во моментот кога Ливерпул и официјално ќе ја освои титулата, Клоп автоматски ќе се вбројува во еден од оние тренери кои оставиле длабока трага во историјата на Ливерпул, заедно со Бил Шенкли и Боб Пејсли, кои имаат статуи пред легендарниот „Енфилд“.
-Познавајќи го Клоп и познавајќи ја неговата скромност, тој не верувам дека би сакал да се случи такво нешто. Но, ако ништо друго, Клоп мора да биде споменат во ист контекст со овие двајца легендарни тренери на Ливерпул. Кога ќе земете предвид дека Ливерпул пред Клоп беше далеку од освојување на титула во Премиер Лигата и Лигата на шампионите, а сега е пред прагот на убедливо окончување на сезоната, тогаш знаете за каков квалитет се работи, додаде Џерард.
Јирген Клоп во Ливерпул пристигна од Борусија Дортмунд во 2015 година. Таму освои титула во Бундесот и беше финалист во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.