Да купиме барем лекови за детето и за леб- Двајца браќа од Теарце молат за помош – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/20 6:48 AM

Да купиме барем лекови за детето и за леб- Двајца браќа од Теарце молат за помош

Едниот со дете со посебни потреби, другиот самохран татко. И двајцата невработени. Ваква судбина веќе подолг период  живеат браќата Драгче и Крсто Анѓелкоски од тетовското село Теарце. Живеат во лоши услови. Во стара куќа во која на долниот дел од објектот живее Крсто , а на горниот кат Драгче.  Се обиделе да изградат достојно место за живеење за  семејствата, но поради немаштијата не успеале.

Еден одбраќата вели дека живеат од социјалната помош и отпремнина од околу 7.000 денари која ќе ја зема неговата сопруга до пензионирањето.

-Со 11 000 денари не може да се преживее. Работам и приватно, но само кога ќе ме повикаат, а во време на корона криза тоа ретко се случува. Мене од 100 до 120 евра ми требаат за да купам само лекови за мојот син, кој е со посебни потреби. Затоа сите пари од отпремнината од мојата сопруга одат за лекови. Од социјална помош не може да се преживее. Затоа и работам приватно, но сега со вирусот слабо има работа, речиси и да нема, бидејќи не викаат како порано да работиме. Нешто чепкаме земјоделие, но знаете каква е оваа гранка. Ако немаш постојана работа бадијала е се, вели Драгче.

И неговиот брат Крсто дели слична судбина. Тој е, пак,  самохран родител. Живее со неговата малолетна ќерка, бидејќи сопруга го напупштила одамна.

-Јас едвај заработувам за себе и за мојата ќерка. Тешко време е сега со короната. Невработен сум, ама не можам да земам социјална помош затоа што порано поседував еден стар автомобил. Го продадов за да земам социјална помош, но ми рекоа дека мора да помине одреден период од продажбата, за да може повторно да ми следува социјална помош. И покрај мојата состојба јас во рамки на моите можности се трудам да му помагам на мојот брат. Но,  сега пак ќе повторам многу, многу  лошо време дојде поради короната, многу слабо не викаат приватно да работиме, рече Крсто Анѓелкоски.

Семејството апелира за помош од хуманите луѓе и институциите, барем да можат да се купат лекови и храна за да се истурка месецот.

-Не бараме многу. Кој колку може да ни помогне. Малку храна, облека и слично. Ако може државата нешто да ни помогне, да провери дали ни следува некоја помош. Барем за мојот син, ако може да земеме туѓа нега или постојана парична помош, за да можеме да го поминеме месецот, оти за него,  само нека ние жив и здрав, многу пари одат за лекови, а физички не е способен да работи, рече Крсто.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Тетово, сепак, го повикаа семејството за да се најде начин во рамки на законските процедури да им се помогне,но засега тоа во процедура.

Зоран Димовски