Снемува место за болните со Ковид-19, нема ниту доволно медицински персонал – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/20 7:56 PM

Снемува место за болните со Ковид-19, нема ниту доволно медицински персонал

Бројот на пациенти заразени со Ковид-19 скоро ги исполни болничките капацитети. На Клиниката за инфективни болести во Скопје во моментов се лекуваат 96 пациенти, од кои 35 се на кислородна терапија. Во болницата „8 Септември“ има 77 пациенти, од кои 15 се на респираторна машина, а 20 други во сериозна здравствена состојба.

„Во последните 24 часа се примени 15 нови случаи, сите со сериозни симптоми и поради тоа болницата отвори уште две одделенија за прием на пациенти заболени од коронавирусот“, велат од болница „8 Септември“.

Зголемувањето на бројот на пациенти во болниците го истакна и недостигот на медицински персонал кој работи во три смени. По барање на Министерството за здравство, 8 медицински сестри и доктор од кичевската болница се префрлени на Клиниката за инфективни болести, а лекари од Кичево се веќе ангажирани во „8 Септември“. Болниците во другите градови лекуваат пациенти со поблаги симптоми. Во болницата во Битола има 22 пациенти, а 4 други се на домашно лекување. Во штипската болница хоспитализирани се 20 пациенти, а во инфективните одделенија во Куманово, Тетово, Охрид, Велес и Прилеп, вкупно лежат 63 пациенти.

Извор: alsat-m.tv