Шестмина ново заболени има во Штип. Двајца позитивни на Ковид 19, покажаа тестирањата во детската градинка ,,Вера Циривири-Трена “ , двајца од тестирањата во конфекциите а две лица се заразиле по контакти со заболени лица, информираше денес на прес-конференцијата штипскиот градоначалник Благој Бочварски.
Тој додаде дека се намалува бројот на лицата во изолации. Во моментов има 472 граѓани, што значи намалување за 100 лица, за разлика од минатата недела кога во изолација имаше над 580 лица.
,,Деновиве се очекува да почне да излегуваат излечени граѓани, прво од конфекциите заболени од пред 15-20 дена. Тие ги очекуваат вторите тестови “, изјави Бочварски.
Тој информираше дека по направените тестирања во конфекциите, неколку од нив работат со капацитет од 50%, една со 60% и една од конфекциите, најмалата, работи со полн капацитет, затоа што од тестираните работници ниту еден од вработените не е заболен.
Во моментов во Клиничката болница во Штип, на инфективното одделение има 16 пациенти и сите се во стабилна состојба.