Датум без мисијата на ОБСЕ нема да има, категоричен е Антонио Милошоски, меѓутоа 15 јули е прифатливо решение доколку се исполнат двата услови на ВМРО-ДПМНЕ – добри здравствени протоколи и мониторинг мисија од ОБСЕ.
– Оној ден кога ОБСЕ ќе стигне во Република Македонија со својата мисија, следниот ден можеме да ја почнеме изборната кампања која што трае три недели и така ќе стигнеме до самиот датум на изборите, за кој не сакаме да се одржи без мисијата на ОБСЕ затоа што тоа би било изборен грабеж и поткуп на фамилијата Заеви со тие пакети кои ги разнесуваат по посиромашни семејства. Затоа сакаме да има избори кои ќе ги запазат здравствените протоколи и меѓународните стандарди на ОБСЕ/ОДИХР, кажа Милошоски на прес конференција, потенцирајќи дека кога ќе се исполнат овие два услови ќе одат на избори.
На прашање што всушност подразбираат по здравствени протоколи, Милошоски не одговори конкретно, но кажа дека ДИК најдобро знае како се гласа и какви се условите за гласање на одредени места и дека СДСМ треба да ги слушаат нив, а комисијата за заразни да не се политизира.