Бројот на електрични возила во светот се зголеми на 7,2 милиона – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/20 11:27 AM

Бројот на електрични возила во светот се зголеми на 7,2 милиона

Продажбата на електрични возила низ светот во 2019 година се зголеми за 40 отсто во однос на претходната година и достигна 2 милиони 100 илјади. Со тоа, бројот на електрични возила на патиштата низ целиот свет се зголеми на 7 милиони 200 илјади, пренесува агенцијата Анадолија.

Според извештајот „Глобалниот изглед за електрично возило 2020“ на Меѓународната агенција за енергетика (IEA), минатата година, глобалната продажба на возила се намалила за 15 проценти, додека продажбата на електрични возила е зголемена.

Минатата година, продадени се 2 милиони 100 илјади електрични возила, пораст од 40 проценти во однос на претходната година. Бројот на електрични возила низ светот се зголеми на 7 милиони 200 илјади.

Електрификацијата во автомобилската индустрија, политиките за животната средина што ги водат владите, намалувањата на даноците и намалените трошоци за производство се причините за зголемувањето на продажбата на електричните возила.

Со тоа, електричните возила учествуваа со 2,6 отсто во вкупната продажба на возила и со 1 процент во глобалната залиха на возила.

Иако државната поддршка за електрични возила во Кина и САД е намалена за околу 50 проценти, 90 отсто од глобалната продажба на електрични возила во 2019 година се реализира во Кина, Европа и Соединетите Американски Држави (САД).

Минатата година во Кина се продадоа 1 милион 60 илјади електрични автомобили. Во Европа се продадени 561 илјада електрични возила, додека во САД се продадени 327 илјади електрични возила.

Со продажбата од минатата година, вкупниот број електрични возила во Кина достигна 3 милиони 400 илјади, во Европа се зголеми на 1 милион 700 илјади, а во САД на 1 милион 500 илјади.

Од вкупните електрични возила во светот, 46,5 проценти се наоѓаат во Кина.

Епидемијата од новиот вид коронавирус, Ковид-19, се очекува оваа година да влијае на продажбата на возила.

Во овој контекст, се проценува дека вкупната продажба на возила ќе се намали за 15 проценти во однос на минатата година, што ќе биде најголемото намалување во историјата.

Најголем пад на продажбата на возила поради Ковид-19 се очекува да има во Европа, САД и Кина.