Луѓето сакаат да гледат неизвесност, а не досадни натпревари, порача Ѓоко Хаџиевски од Емиратите – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/20 11:11 AM

Луѓето сакаат да гледат неизвесност, а не досадни натпревари, порача Ѓоко Хаџиевски од Емиратите

Со сигурност еден од најдобрите македонски фудбалски тренери во историјата, но и едно од највпечатливите тренерски имиња на Балканот. Ѓоко Хаџиевски ни раскажува за неговиот ангажман на сосема другиот крај од светот, културолошкиот позитивен шок во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, периодот поминат во Скопје и петте освоени титули со најдобриот македонски клуб, Вардар.  За mms.mk, Хаџиевски ги откри и неговите тренерски идоли, но ни откри и какви совети му дава на неговиот фудбалски талентиран внук.

Не само фудбалот, не само спортот, туку целиот живот застана за момент поради пандемијата на глобално ниво. Како Ѓоко Хаџиевски се носи со ограничената слобода во Обединетите Арапски Емирати и колку мерките на државата се разликуваат со оние кај нас?

-Никој во светот не можеше да претпостави дека со овој проклет вирус може светот да се промени толку многу. Сите сме губитници, дојдоа тешки времиња за сите. Сега е најважно да се зачуваме здравствено, па после ќе размислуваме како да излеземе од економската криза и реперкусиите кои ги чувствуваме во сите области на животот. Во Обединетите Арапски Емирати животот тотално се промени од средината на март. Сѐ застана, освен снабдувањето на храна, аптеките, болниците, банките. Дојде рестрикција на движење, беше ограничено од шест наутро до осум навечер. Нашето првенство се прекина кога бевме на врвот и ни требаше една недела, едно коло и официјално да завршиме на врвот. Трениравме еден месец, скоро до крајот на април, очекувајќи дека ќе продолжиме да ги доиграме последните четири кола. Но, дојде одлука дека пред август нема шанси да се играат фудбалски натпревари. Оттогаш до денес сме дома, чекаме одлука на Фудбалската федерација како ќе биде понатаму. Ќе се прекине првенството или ќе се доигра во август и септември. Тежок период, никогаш не сме доживеале вакво нешто.

Со оглед на тоа дека фудбалот е на привремена пауза и со тоа вашите обврски, а вие веќе три месеци не можете да си дојдете дома, колку ви е тешко тоа што сте далеку од семејството?

 

-На секој човек најголем приоритет е семејството. Нормално и мене, познато е дека јас сум цврсто поврзан со сите три дела на нашата фамилија. Сопругата Тања со најмалата ќерка Катја и ќерките Стефи и Андра со своите семејства. Иако секој ден се гледаме преку интернет, сепак можам да кажам дека најтешко ми е тоа што не можам да ги гушнам. Последно бев во Скопје во октомври и оттогаш не сум дошол. Во декември тука беа Андреа, Филип, Гео и малите близнаци од три и пол години, Алекс и Сандро, а во февруари Стефи и малата Алексиа. Тања и Катја требаше да дојдат во април, па заедно да се вратиме во Скопје. Но еве, повеќе од три месеци сме блокирани и не можам да ги видам. Тешко е навистина. Дејан, партнерот на Стефи, не доби виза во февруари, доби покасно. Беше планирано уште еднаш да дојдат во март. Ситуацијата со вирусот и затворањето на границите не го дозволија тоа.

Коронавирусот отвори многу горливи прашања и ни даде простор и време конечно да се погледнеме себеси и да се запрашаме „добро, а што сега, како понатаму и до кога вака?“ Претпоставувам дека истово прашање е апликативно и за фудбалската игра. Во кој правец ќе се движи сега фудбалот, дали мислите дека ќе претрпи драстични промени и дека ќе се врати на корените, или екстремната комерцијализација и големите суми на пари се уште ќе бидат неизоставен елемент на играта?

-Фудбалот и во овие тешки времиња се бори да се докаже дека е најважната споредна работа во светот. Никој не можеше да помисли дека после најголемиот број на заболени во Италија, Шпанија и Англија, може да се игра фудбал. Во Германија веќе се игра, овој викенд започна првенството во Шпанија, следната недела во Англија и Италија. Во многу други држави веќе се игра со гледачи, во Белград неразбирливо 20.000 гледачи на дербито помеѓу Партизан и Црвена Ѕвезда. Ќе видиме какви рефлексии ќе има во следниот период. Што се однесува за првенството во Македонија, мое мислење е дека одлуката за прекин на првенството е избрзана, требаше да се почека уште малку, макар до крајот на јуни.

 

Како за човек кој доаѓа од сосема поинакво поднебје, со сосема други животни навики, традиција, поимања, како се соочивте со култоролошкиот шок во Емиратите? И колку културолошките разлики влијаат врз сфаќањето на фудбалот таму?

-Што се однесува до разликите во начинот на живот во Европа (или кај нас во Македонија) и животот во арапскиот свет, поточно „Голф“ државите, јас сум тука шеста година. Три години бев во Саудиска Арабија и трета година веќе сум во Емиратите. Веќе се навикнав, добро го научив менталитетот на луѓето. Тие го сакаат многу фудбалот и кога си ти дел од тој караван, нормално имаш посебен третман, пријатно е кога те препознаваат и сакаат да се дружат со тебе. Овде во Емиратите впрочем не се чувствуваш како странец зошто од осум милиони жители, два милиони се „домашни“, а останатите се жители со работни визи од целиот свет. Има многу од Балканот, над 1.000 Македонци, така што има многу познати наши луѓе. Најинтересно е во Дубаи кога во најпознатите места, Dubai Mall, Global Village, Jumeira, Madinat Jumeira, JBR, можеш да видиш луѓе од преку 200 различни држави во светот. Што се однесува до мене, јас сум презадоволен со фудбалското првенство и животот тука. Мислам дека е привилегија да работиш тука, секојдневието е многу интересно, денот не е никогаш доволен да ги вклопиш сите желби за излегување.

Четири шампионски титули со најголемиот македонски клуб Вардар. Во лига која за волја на вистината беше далеку поквалитетна од денешната, во лига каде што три или четири екипи секоја сезона се бореа до последно коло за првото место. Слога, Пелистер, Силекс и Вардар, интересот за фудбалот поприлично голем, стадионите во ниту еден случај не остануваа празни. Кои се вашите сеќавања од „златниот“ период на македонскиот клупски фудбал и што е навистина променето за овие две децении?

-Морам да ве исправам, што се однесува до титулите. Јас имам четири титули со Вардар како тренер и една како спортски директор. Во сезоната 1993/94, втората сезона на самостојна Прва македонска фудбалска лига, се вратив од ЦСКА Софија во Вардар за да помогнам, зошто разликата беше само три бода со второпласираниот Силекс. Првата година бевме први пред Силекс со 25 бодови предност. Можев да останам во ЦСКА за дупло поголема плата од првата година, но сепак јас бев премногу близок со Вардар за да не го прифатам повикот на раководството на клубот. Во последните девет кола ние победивме осумпати и еднаш изигравме нерешено. На крајот бевме први со осум бодови предност пред Силекс. Ова колку да се знае, зошто секој си толкува како знае и сака. Јас сум учесник на пет титули со Вардар. Разликата на фудбалот и квалитетот на фудбалот пред 30 години (почетоците на фудбалот во Македонија по осамостојувањето од СФРЈ) е евидентна во повеќе сегменти. Посетеноста на натпреварите (полни стадиони), квалитетот на фудбалот (многу фудбалери од Македонија правеа трансфери во најдобрите лиги во Европа), организацијата на клубовите, финансиската поддршка на клубовите. Сега сите клубови се во финансиска криза, се игра со минимални вложувања во фудбалот, нема однапред одреден буџет, квалитетот на играчите е на многу пониско ниво, што покажува дека тешко во Македонија може да се најдат фудбалери кои би направиле трансфер во Бундес Лига, Премиер Лига и останатите посилни европски лиги. За посетеноста да не зборувам, насекаде празни стадиони, но во втора лига има повеќе гледачи, што зборува дека има заинтересираност во фудбалот, но луѓето сакаат да гледаат неизвесност, не досадни натпревари.

Дали имавте фудбалски и тренерски идоли во животот? Или, ако идол е пресилен збор, некој тренер или фудбалер за кого барем на момент сте помислиле „ех, како не сум во негова кожа“.

 -Секако дека имам тренерски идоли. Во нашите рамки, Миљан Миљаниќ, Ивица Осим, Томислав Ивиќ, Вујадин Боѓков, Степјан Бобек, сигурно дека беа патоказ за следните генерации на помлади тренери. Од странските, или светските тренери, под број еден би го издвоил Јохан Кројф, кој ми е најомилена фудбалска личност воопшто. Покрај него се огледував на работата на Ринус Михелс, Алекс Фергусон, Џовани Трапатони, а од помладите, ми се допаѓа работата на Јирген Клоп и Пеп Гвардиола.

Иако во фудбалот и во спортот генерално, тешко е да се зборува во суперлативи, кој е вашиот најголем тренерски успех? Каде се чувствувавте најсреќен и на кој фудбалски стадион, односно период од вашата богата кариера, со задоволство се потсетувате?

-Мојот најголем тренерски успех сигурно се осумте трофеи што ги имам со ФК Вардар. Петпати првак, двапати победник во купот и еднаш влез од втора во Прва Југословенска лига. Го делевме со Загреб првото место, во мајсторката за прво место ги победивме во Скопје со 3:0, реваншот во Загреб не се одигра иако отпатувавме во Загреб (започнаа воените дејствија на територијата на Хрватска). Влегувањето во Прва лига, невидената прослава на нашиот најголем стадион во присуство на претседателот на државата, Киро Глигоров и највисоките државни функционери (одлучувачкиот меч со Слобода/Титово Ужице 4:2). Првиот Куп во самостојна Македонија, Вардар-Пелистер 1:0, полн стадион и незаборавно финале. Победата над европскиот првак Црвена Ѕвезда во првото коло на последната година на Првата Југословенска фудбалска лига, 1:0 во Скопје. Прославата на сите титули, сигурно е нешто на кое се сеќавам со гордост. Мислам дека клупата на Вардар (каде што најдолго сум бил) всушност е моето најубаво работно место, мој дом. Сепак, не можам да го прескокнам мојот почеток на тренерската кариера и почетоците во ФК Пелистер – Битола. Ако не беше успешен тој почеток со Пелистер, сигурно дека мојата тренерска кариера немаше да се одвива со такви резултати и успеси. Покрај добрите резултати со Пелистер, таму се појавија голем број на талентирани млади фудбалери како Митко Стојковски, Тони Мицевски, Ѓорѓи Христов, Петар Милошевски, Кире Грозданов, Ванчо Мицевски, Саша Ќириќ, Сашо Милошевски, Жанко Савов, Влатко Костов, Драган Веселиновски, Борче Јовановски, Дејви Главевски, Горан Ставревски, Миле Димов и многу други кои беа репрезентативци на Македонија и успешни интернационалци. Времето поминато во Пелистер ми носи незаборавни моменти, полни со добри резултати и незаборавно дружење на сите во клубот. Да не заборавам, стадионот под „Тумбе Кафе“ беше секогаш полн со навивачи. Незаборавни моменти од мојата тренерска кариера носам од Азербејџан, каде што исто така бевме шампиони, воедно бев и селектор на нивната фудбалска репрезентација. Во Јапонија го освоивме Супер Купот пред 50.000 гледачи и игравме фиднале на Шампионската лига на Азија во 2000 година, Ал Хилал-Јубило во Ријад, Саудиска Арабија (во финалето загубивме со златен гол во продолженијата од домаќинот, се играше само еден меч). Работев три години во Саудиска Арабија, три години во Грција, во Бугарија во ЦСКА во Србија во Војводина, во Кипар, Египет. Сега во Емиратите сум трета година. Би можел да зборувам многу за мојата кариера, зошто повеќе од 30 години сум професионален фудбалски тренер, сигурно имам преку 1000 официјални натпревари, секој натпревар е своја приказна. Мислам дека секаде достоинствено ја претставував Македонија, затоа што секаде оставив печат на мојата работа.

Од тренерски аспект, дали ви се допаѓа она што сега се нарекува „модерен фудбал“? Понекогаш се чини дека тренерите знаат да претераат со менаџирањето на своите фудбалери, често давајќи им неконвенционални задачи и улоги, угушувајќи ја нивната слобода во играта, на сметка на нивните замисли. Дали вие сте „поборник“ на „тики-така„ , „гегенпрес“ модели на игра, или сè  уште држите до оној директен и ефективен, би рекол, стар добар фудбал?

-Денешниот фудбал, сигурно е најдоброто досега, зошто се вложува најмногу, се работи најмногу, се анализира најмногу, се следи најмногу. Фудбалските лиги на Шпанија, Англија, Германија, Италија, Франција, станаа секојдневие во секој дом на земјината топка. Најголемите фудбалски имиња им се познати и на децата и на пензионерите, за средната возраст и да не зборувам. Системот на игра не е нешто за кое треба да се врзуваме, секој меч е тактичко надмудрување и системот може да се менува по неколкупати. Јас сум приврзаник на пас играта, но не тоа да биде досадно. Може да се земат примерите на Гвардиола со Барселона и Манчестер Сити, но и едноставноста и физичката моќ на Ливерпул со Клоп. Мене покрај ова, ми се допаѓа и стилот што го игра Борусија Дортмунд и Лајпциг во последно време.

Кое е најдобриот фудбалски совет што го имате дадено на внукот, кој чекори по вашите стапки?

-Последното прашање е врзано за мојот внук, Георг Стојановски. Можеби објективно сум субјективен, бидејќи се работи за некој што ми е врежан во срцето (покрај останатите мои деца и внуци), но ако можам стручно да кажам, Георг за 16 годишна возраст е вистински бисер во македонскиот фудбал. Игра во фудбалската школа на Вардар на позиција на напаѓач, центарфор, секоја година е најдобар стрелец во тимот и во лигите во кои настапува. Репрезентативец е во тимот до 17 години, а последните денови беше приклучен во првиот тим на Вардар. Тренерот Васовски е презадоволен од она што го покажува на тренинзите и му предвидува успешна меѓународна кариера. Јас сум скоро сигурен во тоа. Мојот совет е да биде максимално посветен на работата, да биде скромен и мотивиран, на секој тренинг да ги слуша советите на тренерите и да помага на сите свои соиграчи. Да работи дополнително, зошто само така може да постигне високи резултати. Инаку можам да кажам дека сега повеќе од мене ги знае најдобрите светски фудбалски имиња и таленти. Не пропушта да изгледа ниту еден важен фудбалски натпревар во цел свет. Ученик е, сега ќе биде трета година во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

                                                                                                                                                             

Давор Јосифоски