Граѓанските предлози и претставки, иако гарантирани со закон, не се алатка која штипјани ја користат во комуникација со Општината, и покрај тоа што им е гаранитрана и со општинскиот акт – Статутот. Во текот на 2016, 2017 и 2018 година во Општината Штип нема пристигнато ниту еден предлог или претставка, покажува Мониторингот што го спроведе Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСЕИ) од Скопје. Од пет мониторирани институции во Штип, граѓаните најчесто реагирале со претставки до Основниот суд од Штип. Во Основниот суд во Штип во 2016 година пристигнале 18 претставки, во 2017 година 16 и во 2018 година, 15 претставки. На сите одговориле, а за ниту една од нив подносителот не се обратил до Народниот правобранител.
Третата монитирона институција е Клиничката болница, која за овој период примила и одговорила на три претставки, или во просек по една претставка на година. На ниту една немало реакција до Народниот правобранител.
Меѓу мониторираните институции, кои секојдневно работат со граѓаните, како странки е Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. И покрај тоа што често во јавноста можат да се слушнат реакции на работата на оваа институција, граѓаните во ограничен број ја користат законската можност да поднесат претставка за работењето и постапувањето на Центарот. Сепак, според бројот на поднесени претставки, може да се заклучи дека со текот на годините расте бројот на граѓански реакции, иако за три години, тој број изнесува 17. Во текот на 2016 година до Центарот за социјална работа биле поднесени три претставки, во 2017 година нивниот број бил пет, а во 2018 година – девет.
Во текот на Мониторингот на штипските институции, мониторирано е и едно средно училиште, СОУ „Јане Сандански“, кое е и најголем средношколски центар по број на ученици, меѓутоа во анализираните три години, не е поднесена ниту една претставка.
Што се однесува до примената на законот и задолжението да назначат лице кое ќе ги прима и ќе одговара на претставките на корисниците, односно граѓаните, Општината Штип, училиштето и Меѓупштинскиот центарот за социјална работа имаат одредено лице кое постапува по претставки и поплаки. Клиничката болница има формирано Комисија, додека Основниот суд нема определено такво лице.
Во Општината назначеното лице е со завршен правен факултет, кое работи како виш соработник за подготовка на акти; во училиштето е доктор по јавна администрација, кој работи како секретар; во Болницата сите членови на Комисијата се со завршено високо образование и специјализации и работат како доктори, а во Центарот за социјална работа е со високо образование, на работна позиција социолог и врши работа како архивар. Ниту еден од нив не добива дополнителен надоместок на плата за овој ангажман. Лицата немаат посетувано обуки.
Дококу граѓаните сакаат да знаат каде можат да се обратат и за поднесат предлози или претставка, таква информација не можат да најдат на веб сајтовите на СОУ „Јане Сандански“, Клиничката болница и Основниот суд, додека Општина Штип и Центарот за социјална работа не доставиле таков одговор.
Во Општина Штип има пропишано интерни акти за постапување по предлози и претставки; во Болницата се постапува согласно медицинските протоколи, иако е нејасна нивната релевантност, а другите институции немаат пропишано акти.
Општина Штип и Центарот за социјална работа не доставиле одговор, додека другите институции не ги објавиле податоците за контакт на овластеното лице во институцијата на нивните веб страници.
Мониторингот на петте штипски институции е спроведен во рамките на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“, што го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје во периодот септември 2019 – септември 2020 година. Проектот е делумно поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Целта на проектот е да се поттикне интересот на граѓаните за примена на неколку клучни закони за остварување на нивните права на локално ниво.
Во заклучоците стои дека три од пет анализирани институции во Штип немаат назначено лице кои ќе ги прима и ќе постапува по пријавите за корупција. Сите институции демонстрирале отвореност и имаат назначено лице за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека мониторираните институции делумно одговориле на прашањата поврзани со постапување по предлози и претставки. Ова е дел од заклучокот на Анализата од мониторингот на 25 институции во Скопје, Тетово, Струга, Битола, меѓу кои и пет институции од Штип. Предмет на оваа анализа се: Oпштина Штип, Основниот суд во Штип, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Клиничката болница и СОУ „Јане Сандански“.
Методолошки податоците за ова истражување се прибрани преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и доставување на дополнителни документи како што се полугодишни извештаи по однос на законот за укажувачи и Правилник за заштитено внатрешно пријавување во институциите на јавниот сектор.
Општина Штип, Основен суд Штип и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа немаат назначено лице за прием и постапување по пријави за корупција, додека СОУ „Јане Сандански“ и Клиничката болница имаат назначено такво лице. Оттука останатите прашања за првите три институции остануваат неодговорени, додека кај училиштето и болницата може да се види дека назначените лица немаат посетено обуки за да знаат како да постапуваат, имаат основни технички средства за работа и досега не примиле ниту една пријава.
Сите институции имаат назначени лица кои се задолжени како иматели на информацијата да овозможат пристап до информациите од јавен карактер кои ги поседуваат. Институциите генерално одговориле на сетот прашања поврзани со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Изминатите 2016, 2017 и 2018 година до сите институции имало доставено барања на кои тие одговориле, а на некои од нив добиле и жалби од барателите.
Сите институции со исклучок на Основниот суд во Штип, назначиле лице кое ќе постапува по предлози и постапки согласно соодветниот закон. Токму до Судот пак, до Клиничката болница и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа биле поднесени претставки во 2016, 2017 и 2018 година за кои доставиле соодветни одговори. За ниту за една институција немало интервенција кај Народниот правобранител и на ниту една не и била изречена казна согласно соодветниот закон.