Во „Стадион“ на „Канал 77“ се дебатираше за пратениците, изборите, короната, учествуваа Мицевски, Николов, Бишевац и Богојевски – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/20 1:19 PM

Во „Стадион“ на „Канал 77“ се дебатираше за пратениците, изборите, короната, учествуваа Мицевски, Николов, Бишевац и Богојевски

Тема во денешното издание на емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ беа пратениците, нивните плати, фамозните патни трошоци, кои буџетот за пет години го чинеа три милиони евра, другите привилегии… Дали се доволни тие плати, колку се платени пратениците во соседните земји, дали парламентот кај нас е вистинска законодавна власт или само приврзок, послушник на извршната власт, на Владата? Се дебатираше и за датумот за избори, коронавирусот, вонредната состојба…

Гости беа Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, лекарот-кардиолог Сашко Николов, кандидат за пратеник на СДСМ, Петар Богојевски, лидер на Македонски концепт, и Сафет Бишевац, поранешен пратеник од листата на СДСМ, кој сега е кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Во рамките на емисијата беше презентирана и новинарската истражувачка сторија на Теодора Новеска -„Какви политичари и пратеници сакаме да имаме?“.

– Пратеничката функција е дерогирана во Македонија. Платите се најниски во регионот и меѓу последните во Европа. Патните трошоци се уредени законски, сега и се намалени за една третина. Во државата имаме 1.300 избрани и именувани функционери кои што го користат истото како и тие 70-80 пратеници што не се од Скопје и патуваат речиси секој ден на работното место, а само пратениците се во фокусот на јавноста – рече Мицевски.

Во однос на изборите, тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ е најважно здравјето на граѓаните и оти треба да се одржат кога притисокот на болеста ќе се намали, кога ќе нема дневно по 170-180 новозаболени и по пет-шест починати. Рече и дека ВМРО-ДПМНЕ немало што да се плаши од избори зашто се’ укажувало дека „вирусот Зоран Заев“ со актуелното раководство на СДСМ ќе бил победен, а потоа новата власт ќе се фокусирала за победа и над пандемијата и на подобрување на економските и другите состојби во државата.

– Ако ВМРО-ДПМНЕ се бори со „вирусот Зоран Заев“ како што се бореше и „помагаше“ во битката со коронавирусот, тешко дека ќе победи. Христијан Мицкоски даде многу добра „помош“ и со барањето до словенечкиот премиер Јанез Јанша од Словенија да донесе лекари кај нас, со што ги навреди сите здравствени работници во земјата – реплицираше Сашко Николов.

Тој истакна дека СДСМ, а и тој, се за избори зашто земјата не може долго да ја води техничка влада, туку избрана, политичка, со институции што ќе може да работат со полн капацитет и да ги решаваат проблемите.

„Реформатор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сега лидер на Македонски концепт – различни имиња за ист концепт како да му се одземе на ВМРО-ДПМНЕ и да му се олесни на СДСМ?“, беше прашањето што му беше поставено на Петар Богојевски.

– Напротив. Целта беше да направиме вистинска опозиција во Македонија и потоа да го победиме СДСМ зашто ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, нема сила да го симне од власт Зоран Заев – истакна Богојевски.

Интересен дијалог имаше помеѓу водителот на емисијата, Столе Наумов и гостинот Сафет Бишевац:

– Од таборот на СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ! Прагма или бунт против лошото владеење, неостварени ветувања од власта кон народот или кон Бишевац? – праша Наумов.

– Ни едното ни другото. Се работи за принцип на борба за вистински цели, за изградба на една нормална држава. Едно движење беше злоупотребено. Во прв план излегоа некои други вредности на Зоран Заев и неговиот СДСМ. Озаконета е лагата како врвен принцип на функционирање на сегашната владејачка коалиција – рече Бишевац.

– Да претпоставиме: Бишевац станува пратеник, ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, се враќа Никола Груевски и има средба со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Дали Бишевац би присуствувал на средбата и дали ќе му прости на Груевски? – праша водителот.

– Јас немам ништо да му просутвам на Никола Груевски. Јас нема да им простам на тие што го пуштија Груевски да избега од државата. Никој не ги праша Зоран Заев и Оливер Спасовски зошто го пуштија да излезе од државата, ако во тоа и самите не му помогнале. Или, ако веќе им избегал, а тие да не знаат, што е практично невозможно, зошто ниту еден од нив не понесе одговорност за тоа – одговори Бишевац.