Денес завршува вонредната состојба, без договор за датум на изборите – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/20 7:54 AM

Денес завршува вонредната состојба, без договор за датум на изборите

 

Лидерите на двете најголеми партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на вчерашната средба не постигнаа договор за датум за одржување на предвремени парламентарни избори, а вечер завршува вонредната состојба, што беше воведена од страна на претседателот Стево Пендаровски заради состојбата со епидемијата во земјава.

Имено, како што посочија од кабинетот на Пандаровски, каде се одржуваше средбата, лидерите се договориле да ја продолжат комуникацијата околу датумот.

Претходно, претседателот рече дека на средбата од Заев и Мицкоски ќе побара да најдат решение во однос на тоа кога би се одржале изборите.

Пендаровски додаде дека треба сите да се издигнат над овој момент кој е многу сериозен и комплексен, и да се најде решение бидејќи како што рече, не станува збор за месеци или години, туку за 8 до 15 дена разлика меѓу двата главни политички блока.

Кажа дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неколку дена со цел да се дојде до меѓупартсики консензус за терминот на изборите.

Забележа дека не би било добро да имаме неинклузивен изборен процес, но и нефункционални институции.

-Ние имаме такви правни дупки сега, нема собрание, а има техничка влада. Техничка влада има лимитиран мандат, има само една главна задача, да организира избори. Изборите поради пандемијата беа одложени. Ние имаме дисфункционален политички систем во целина. Ако одиме со неинклузивен изборен процес во кој барем една половина од политички спектар ќе остане на улица и нема да ги почитува институции ќе биде уште полошо. Ако институциите се дисфункционални не сакам ни да размислувам што ќе се случува на седница на Влада, рече Пендаровски.

Тој посочи дека сега е топло, граѓаните може да не бидат дома во недела, да заминат некаде, затоа, како што посочи гласањето во среда, наместо во ден недела, може да се уреди со носење на уредба на Владата.

Додаде дека сите се свесни дека одѕивот на гласачите ќе биде најмал досега.

– Сите политички лидери, како што рече, се согласуваат дека одѕивот ќе биде многу помал од претходните избори. Според некој анкети можеме да имаме опаѓање на излезноста од 20 до 25 отсто, рече претседателот Пендаровски.

Власта и опозицијата, како што додаде, се согласни дека на изборите мора да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР и дека ДИК во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви безбедносни протоколи за гласање.

Заев порача дека до сабота постои можност да се постигне консензус со опозицијата за изборите.

– До сабота, кога завршува вонредната состојба, постои можност за договор за датум за избори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, изјави Заев, кој на прес-конференција истакна дека двете партии пред прекинувањето на комуникацијата разговарале парламентарните избори да се одржат во среда на 8 јули, а во понеделникот и вторникот претходно да гласаат болните кои ќе се пријават за гласање.

Заев рече дека јавно ќе побара продолжување за три дена на вонредната состојба од претседателот на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да се одржат на 8 јули.

– Евентуална промена за вонредната состојба би можело да има заради изборите, ако се постигне консензус, рече Заев посочувајќи дека доколку нема договор за избори на 8 јули или воопшто договор за избори, по Устав и по закон е изборите да се одржат на 5 јули.

ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот Стево Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број на заболени и починати од Ковид-19. Подготвени се за разговори и средби, но не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на прес-конференција рече дека е потребно продолжување на вонредната состојба затоа што има здравствена криза, а непрогласувањето на нова вонредна состојба, ќе го сметаат за политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Генералниот секретар на ВМДО-ДПМНЕ додаде дека како партија се отворени за консензус и разговори без разлика во кој формат би биле средбите, но оти за нив е најважно здравјето на граѓаните.

– Лицитирањето со датуми во овој момент кога имаме огромен раст на новозаболени и на починати е всушност лицитирање со здравјето на луѓето. Тоа нема да го правиме, порача Јанушев, додавајќи дека за да излезат со датум треба да има нормализирање на состојбата.

Амбасадорката на САД во државава Кејт Мари Брнз во изјава за МИА порачува дека е важно во земјава да се одржат избори затоа што, како што истакнува на Северна Македонија и се потребни потполно функционални институции за справување со сите предизвици, вклучително и со кризата со Ковид-19. Истакнува дека датумот за избори треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата.

– Важно е во земјата да се одржат избори. На Северна Македонија и се потребни избрани и потполно функционални институции – влада и собрание – за да се справуваат со многуте итни предизвици кои ќе имаат долгорочен ефект врз иднината на земјата, вклучувајќи го одговорот на кризата со Ковид-19, како и подготовките за пристапните преговори со ЕУ. Што се однесува до датумот за овие избори, тој треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата,наведува Брнз.

Државната изборна комисија (ДИК) вчера на работен состанок ја разгледуваше владината Уредба за продолжување на изборните дејствија за параламентарните избори и врз основа на неа ќе ги започне активностите за гласање. Со уредбата, која вчера беше објавена во Службен весник и стапи во сила, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за МИА информираше дека врз основа на оваа Уредба, ДИК ќе испрати дописи до МВР и до управите за санкции и за водење на матични книги за прибирање на потребните податоци за граѓаните.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Владата на 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжи МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба. Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, појаснуваат од Влада.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.

Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место. Според информациите од ДИК, во врска со обезбедување на заштитната опрема за изборите, членовите на Комисијата со владини претставници ќе имаат во понеделник.

МИА