Џулијан Нагелсман е највозбудливиот тренерски талент во Европа и можеби уште во оваа рана фаза тактички попоткован и подобар од Пеп Гвардиола, ова е мислењето на Луц Фаненштил, еден од најблиските соработници на младиот тренер на Лајпциг, уште во времето во Хофенхајм во 2016 година.
Нагелсман својата кариера на големата европска сцена ја започнува во Хофенхајм пред четири години, каде што поминува три години, пред да замине во источна Германија и во тим со многу повисоки амбиции. Честопати играчите и новинарите знаеле да не го препознаат поради годините и младиот изглед, мислејќи дека се работи за некој фудбалер од младинска школа или младинец кој помага при косењето на тревата. Но тоа не го спречува Нагелсман да стане еден од најбараните и најинтересните тренери за анализирање во 2020 година.
-Џулијан е перфекционист. Тој не може да загуби, без разлика дали се работи за компетитивен меч или обичен пријателски пинг-понг меч. Многу добар, не е доволно добар опис за него. Тој сега е еден од најдобрите тренери во Европа. Не е повеќе талент, иако има само 32 години, изјави Фаненштил во неодамнешно интервју.
До прекинот на сезоната, Наглесман и неговата екипа Лајпциг имаа поприлично успешна сезона. Во Бундесот се бореа за местата кои водат во Лигата на шампините, а токму во ова натпреварување го совладаа убедливо Тотенхем и беа на прагот од 1/4 финалето.