Лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се на средба во претседателската вила на Водно откако претседателот Стево Пенадросвки денеска ги повика да најдат решение кога да се одржат предвремените парламентарни избори.
Пендаровски во обраќање до јавноста истакна дека избори треба да има, но оти тие треба да бидат во договор и со учество на сите политички субјекти. Ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор.
Како што рече Пендаровски, нема потреба за повторна лидерска средба во форматот што го имаа досега два пати, затоа што позицијата на другите лидери се изборите да се одржат на 5 или 19 јули.
Според Заев, до утре, кога завршува вонредната состојба, постои можност за договор за датум за избори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии пред прекинувањето на комуникацијата разговарале парламентарните избори да се одржат во среда на 8 јули, а во понеделникот и вторникот претходно да гласаат болните кои ќе се пријават за гласање.
Заев рече дека јавно ќе побара продолжување за три дена на вонредната состојба од претседателот на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да се одржат на 8 јули.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што изјави генералниот секретар Игор Јанушев, бара од претседателот Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број заболени и починати од КОВИД-19. Подготвени се за разговори и средби, но, како што рече, не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.
МИА