По големата фама што се крена околу државната помош на естрадните уметници се огласи и еден од најпопуларните фолк пејачи Спасен Сиљаноски. Тој е согласен да ја земе помошта од Владата, во износ од по 14.500 денари за два месеци. Смета дека сега не е време да се глуми лажна скромност, бидејќи годините наназад од државата се земаат илјадници евра и никој не мисли на луѓето кои немаат со што да ги прехранат семејствата, туку се полнеа џебовите.
-Јас ќе ги земам тие 14.500 денари и не е важно каде ќе потрошам. Можеби ќе дадам на двете деца и сопругата. Односно дали ќе ги потрошам на семејство за леб и млеко или ќе ги испијам во кафеана или ќе ги донирам на некој што воопшто нема, тоа веќе е моја работа. Но, јас ќе ги земам. Зошто? Гледајќи во минатото како некои милионери и функционери, како што се Мира Дизел, Силвана Бонева и ред други, кои однесоа стотина илјади евра за патни трошоци, односно земаа околу 150.000 евра за патни трошоци, а сите знаеме колкави се нивните примања. Огромни се. Како што се огромни и нивните бенефиции, кои ги имаат благодарение на функцијата. Тука ќе ги споменам и фирмите кои располагаат со милионерски капитал, како и ресторани, кои заработуваат илјадници евра месечно, а сепак, се обесштетени со енормно големи суми државни пари, вели Спасен.
Тој смета дека би бил огромен парадокс, доколку тој се откаже од тие средства, од тие два пати по 14.500 денари, знаејќи дека тие пари повторно ќе завршат во погрешни раце, во погрешен џеб или на нечија сметка која и така е дебела и дека никогаш нема да стасаат во вистинските раце, на тие што им се најпотребни- сиромашните, кои и онака се чудат како да го истераат месецот и да го нахранат семејството, а сега во оваа состојба пак уште пострашно.
-Последен настап ми беше на 14 март и од тогаш немам никаков приход. Но, сепак, нема да се жалам. Јас ќе ја издржам и оваа криза која не зафати сите и во секоја бранша, но нема да дозволам и нема да ги толерирам неправдите и секогаш ќе реагирам на нив. Јас и досега во мојата долгогодишна кариера сум имал многу хуманитарни настапи. И за нас пејачите личи да бидеме хумани. Можам и сега да се откажам од овие 14.500 денари, но не сакам токму заради се она што го кажав претходно. Навистина ме боли и мене и сите луѓе во држава кои чесно си го заработуваат лебот. Сакам да им дадам предност, односно верувам и дека целата македонска јавност ќе се сложи со мене, овој пат да се покажат како хуманисти олигарсите и оние кои цицаа илјадници или милиони евра од државната дојка. Во овој момент ама нема да глумам лажна хуманост. Тие нека се покажат хумани а јас сакам два пати по 14.500 денари, вели Спасен и додава:
„Во контекст на ова цицање на државната дојка ќе ги споменам и нереалното и необјективно субвенционирање на песни. Се фрлија неброени пари за песни кои воопшто и не постојат. Не беше одамна, сите знаеме колку пари се дадоа од државата за снимање на тие песни, односно за „потпомагање“ на музиката“. Каде се сега и тие еве и на ним им давам предност дасе откажат од овие 14.500 денари, вели тој.
Весна Миленковска