Вакуум во преговорите за името – Владата демантира разногласие – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/18 1:37 PM

Вакуум во преговорите за името – Владата демантира разногласие

Вакуумот кој настана во процесот на преговорите за спорот за името, по неостварениот повик изминатата недела помеѓу премиерите Заев и Ципрас, се искористи за најразни шпекулации, дезинформации, но и испраќања на пораки помеѓу политичките актери, биле од власта или од опозицијата, па и меѓу самите коалициски партнери во двете земји.

Грчкиот министер без ресор, Алекос Флабурарис им порача на Независни Грци, помалиот партнер од грчката влада на министерот за обрана Панос Каменос, да не ја спречуваат големата можност за решение на името.

Отворена е голема можност за решение на прашањето, а Независни Грци треба појасно да го видат интересот на земјата, вели Флабурарис во интервју за неделното издание на весникот „Етнос“ и го повикува коалициониот партнер во владата да не го спречи постигнувањето решение.

„Ова прашање не постоеше во почетната агенда на владата, ниту беше дел од договорот за соработка. Но, ставовите на нашите партии беа познати. Сепак, се појави прашањето и сметаме дека ова е голема можност да се реши. Затоа, лично ги повикувам Независни Грци да не ја спречат можноста што се отвора за нашата земја да обезбеди мирно решение кое ги штити нашите национални интереси. Нека го видат појасно интересот на земјата“, вели Флабурарис.

Грчкиот министер без ресор изразува убеденост дека набргу ќе постои договор меѓу Македонија и Грција, а вели дека актуелната грчка влада често носела и носи тешки одлуки, но тие биле за доброто на земјата.

„Договорот набргу ќе се постигне со сложено име за внатрешна и надворешна употреба (erga omnes), со отстранување на иредентистичките претензии и промена на Уставот на соседната земја“.

Објаснува Флабурарис за „Етнос“ и додава дека „мудрите и демократски граѓани во Грција поддржуваат решение“.

Во меѓувреме, македонската Влада, преку портпаролот Бошњаковски, ги отфрли тврдењата во некои медиуми за постоењето на наводни поделби и разногласија. Демантот доаѓа по информациите кои вчера ги објави грчкиот весник „Та Неа“, дека министерот за надворешни работи Димитров „игра соло“ во преговорите.

„Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија, вели Бошњаковски“.

Грчкиот весник вчера објави дека во Владата во Скопје постеле поделби со тоа што Никола Димитров продолжувал да игра лични игри. Според „Та Неа“ доколку се надминале пречките поставени од Димитров и повикот се оствари, средбата меѓу Заев и Ципрас би се одржала до среда, потписите ќе паднат и договорот би одел на одобрување во Парламентот за на 25-ти јуни Македонија да добие зелено светло од ЕУ”.

Останува да видиме дали од грчкиот медиум го погодиле новозададениот временски рок.