Од Здружението Антикоцкање го поздравуваат чекорот на директорот на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими кој одбил да прими донација за болницата, затоа што била од меѓународна компанија која има казина и организира игри на среќа и во Македонија.
Од Здружението Антикоцкање, велат дека ваквите постапки треба да ги следат и другите директори на институциите но и јавни личности. Само на тој начин како што потенцираа ќе се сузбие порокот коцкање.
Се работи за одбиена донација во вид на болнички кревети
„Јас добив известување од Министерството за здравство дека треба да примам донација од болнички кревети, при што не беше назначено името на донаторот. Кога пристигна пратката и кога видов дека како донатор се јавува една спортска обложувалница, решително одбив да ја примам донацијата. Им реков никако не прифаќам донација од казино. Зарем ако државата и Министерството за здравство не можат нас како болница да нѐ снабдат со потребниот материјал и опрема, треба да одиме да бараме помош од казина или спортски обложувалници? Такво нешто не доаѓа предвид. Освен тоа, оваа ‘донација’ се состои од 10 болнички кревети за кои е наведено дека чинат околу 2,5 милиони денари или околу 40.000 евра. Па какви кревети се тоа кои толку чинат?Па кога уште видов дека сред болница се рекламира казиното од страна на некои девојки кои беа со нив дојдени, уште повеќе се револтирав”, вели директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими.
Покрај креветите, донацијата била и од средства за дезинфекција и други помошни материјали.