Дрвја во паркот во Мичурин ќе се садат наесен, а ќе се постават и клупи и корпи за смет – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/20 10:04 AM

Дрвја во паркот во Мичурин ќе се садат наесен, а ќе се постават и клупи и корпи за смет

„Браво за градот кој конечно ја расчисти депонијата“, вака реагираа жителите на скопската населба Мичурин, на кои со години пред очи им стоеше сметот и шутот под железничкиот мост. На овој простор според урбанистичкиот план предвидена е улица, но бидејќи тешко дека некогаш ќе се изгради, граѓание беа пресреќни до изградба на паркот. Но, меѓу активностите во акцијата за расчистување на просторот којшто претставуваше дива депонија, беа и сечењето на дрвјата на тој простор, за кој што граѓаните велат дека воопшто не биле ни стари, а ни суви. Граѓаните и тогаш реагирале на сечењето на дрвјата, но од одговорните, им било речено, дека ќе се посадат нови а ќе се наместат и клупи. И по неколку месеци нема ниту клупи, ниту, пак, се посади дрво.

-До пред некој месец тука имаше купишта смет и добро е што го исчистија  и на тоа место е изграден парк. Но,  притоа ги исекоа веќе постоечките дрвја кои воопшто не беа стари и суви.Сега паркот иако е место каде се собираат многу деца е оставен без клупи за возрасните и без дрвја .Ни  беше речено дека на местото на старите дрвја ќе се посадат нови, но ништо од тоа, велат жители од овој дел од градот за кои паркот е место за попладневен одмор секое попладне за нив и нивните деца

 

По ваквите коментари од граѓаните, побаравме одговор од Град Скопје, од каде ни рекоја дека е започнат голем проект со градските јавни претпријатија за претворање на досега запуштените јавни површини во урбани зелени површини. Конкретно, паркот во Мичурин се гради до новата железничка станица, на местото кое важеше за запуштен простор повеќе од 20 години и на кој беше создадена дива депонија. При расчистувањето биле исфрлени повеќе од 15.000 кубни метри смет, од страна на екипите на ЈП „Улици и патишта“.

-Новиот парк кој сега се гради ќе биде на површина од околу 6.000 метри квадартни, истиот веќе има подигнато ново зеленило, а понатаму ќе се постави и соодветна урбана опрема (клупи за седење, корпи за отпадоци…) и на крај ќе се засадат дрва. Дрвата во овој парк ќе бидат посадени во рамки на есенската акција за садење, кога условите се најповолни за таква активност, велат од Град Скопје.

Досега нови паркови на запуштени површини биле направени во Центар (Ибни Пајко) и во Кисела Вода, а во моментов се прави во Карпош 4.

Кристина Алексиеска