Денес беше направена промоција на новата мала лагуна во Зоолошката градина во Скопје, односно новиот дом на 15-те егзотични фламинга.
Живеалиштето претставува мала лагуна со многу зеленило, езерце за фламингата, како и посебен дел за хранење на птиците.
– Големо е задоволството денеска и официјално на скопската јавност, на дечињата, на редовните посетители на Зоолошката градина, да го претставиме новото живеалиште што го изградивме за јатото фламинга. Фламингата се едни од најегзотичните птици и јас очекувам дека токму на ова место ќе имаме голем број на посетители. Станува збор за живеалиште со внатрешен дел со површина од 40 квадратни метри и тераса со површина од 120 квадратни метри и е едно од најубавите живеалишта за фламинга во зоолошките градини во Југоисточна Европа. Непосредно до него, се гради и новото живеалиште за пингвини. Очекуваме дека во текот на летниот период пред граѓаните ќе може да ги претставиме и пингвините – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на официјалното отворање на новиот дом за фламингата во Зоолошката градина.