Екипи на комуналното претпријатие „Водовод”, на Територијалната противпожарна единица и од службите во локалната самоуправа на Кочани од изутрината ги санираат последиците од обилните врнежи од дожд што доцна синоќа го зафатија градот. Поројната вода што се слеваше по улиците во централното градско подрачје поплави дел од дуќаните во Трговскиот центар, а материјална штета има и кај дел од стопанските фирми и јавните институции во старата индустриска зона, каде нивото на водата достигнало и до 1,5 метар. Врнежите траеја близу час и половина, а атмосферската и фекалната канализација не можеше да ја прибере надојдената вода.
– Во текот на ноќта беше ангажирана целата единица која имаше 13 поголеми интервенции за црпење на вода од подруми и простории на приземје во индивидуални и јавни објекти. Исто така, интервениравме кај два пожара што беа предизвикани од краток спој на електричната инсталација. Поради поплавениот коловоз, неколку часа во прекин беше сообраќајот на улицата „Глигор Апостолов Гочо” кај основното училиште „Св. Кирил и Методиј”, при што водата навлезе во подрумите и други простории во објектите во непосредна близина. Поплавени се и простории на Агенцијата за вработување и на приватни компании во индустриската зона во источниот дел на градот, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Комуналците од „Водовод” уште ноќеска почнаа со расчистување на наносите од земја и отпад од улиците и јавните порвршини во центарот на градот, а се решаваат и проблемите со затната канализација.
– Со специјално возило канал-џет на повеќе места интервенираме за прочистување на канализациската мрежа, а снабдувањето со вода за пиење е нормално. Исто така, се чистат коловозите и тротоарите, за што се ангажирани сите вработени и механизацијата во „Комунална хигиена”, истакна Андреј Киров, директор на комуналното претпријатие „Водовод”.
Со екипите на терен беше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев кој посочи дека невремето е уште едно предупредување и за урбанистичкото планирање за кое мора да се води сметка, а направените пропусти и грешки во минатото, посебно при легализацијата на објекти градени врз канали, сега излегуваат на виделина.