Ромите воопшто не беа приморани да држат физичка дистанца во своите заедници , затоа што општеството со векови ги држи во една форма на изолација, на дистанца. Не велам дека немаше опасност Короната да влезе и во ромските населби, но реално поголема опасност за да се инфицираат беа луѓето кои одеа редовно на работа, често и по двајца –тројца од едно семејство, купуваа по трговските центри, правеа трансакции по банките, одеа во амбуланти, болници и беа таму на места каде со години Ромите немаат пристап и пред пандемијата, вели Рамуш Муарем- Цирко, новинар и активист за правата на Ромите.
Според него, поимот „Короната не доаѓа по покана на гости, туку сама“, ако се гледа од Ромска страна,значи за да го фатиш овој вирус потребно е да се исполнуваат и некои услови. Но, во најголем број во ромските населби, додава тој, нема услови ни за живот а не за Корона. А и да има- условите и инфраструктурата се на најминимално ниво. Тие населби се буквално „затворени„ од надворешни влијанија.
-Она што би сакал да препорачам е следното: Доколку повторно се прогласат вонредни состојби препорачувам за некое време да сите, кои не се Роми да се преселат во некој од ромските населби во градот каде што живеете. Навистина може нема ни вода, ни струја, убавите автомобили, со бела или сиво металик боја, ќе бидат малку валкани од неасфалтираните улици и сокаци, навистина ќе живеете заедно со Ромите во сиромаштија и ќе бидете потполно изолирани од остатокот од светот и од Короната, но конечно ќе разберете како живеат Ромите. Е сега дали навистина нема да се инфицираа со вирусотот, не можам сто проценти да гарантирам, ама да „не се инфицирате“ шансите се големи, зошто ќе бидете потполно изолирани од остатокот на светот, да не кажам – сосема заборавени. Ромите се за понекогаш да дојде некоја новинарска екипа да снима и да си направи прилог – атракција, демек Ромите не носат маски. Ама, секое чудо за три дена, додава тој.
Цирко вели дека, секако, дека и во Шутка има страв од Корона. Дека Ромите колку толку внимаваат, прават напори да се заштитат, но егзистенцијата ги тера да одат на пазарите, да мора да живеат од ден за ден.
-Звучи чудно, но, и покрај тоа досега немало случај на заразен од Корона. А зошто? Затоа што не се прават тестирања. Во Шутка се уште нема масовно тестирање на коронавирусот, што можеби причина е дека тестот е скап и ретко кој може да си го дозволи тој луксуз. Кога го зборувам ова не мислам само дека Ромите во Шутка се во ваква состојба, туку дека се и во другите градови во државава, на Балканот, Европа, па и во светот. Звучи глупаво, но единствена убава работа од сиромаштијата е што не знаеш дека си заразен, односно мислиш дека не си заразен, бидејки не се ни тестираш. Во моментов во општината Шуто Оризари, според евиденциите има заразени на корона вирус, но не се од ромската етничка заедница, додава тој.
Весна Миленковска