Измамени, ограбени и оставени да чекаат, дваесетина македонски државјани заклучени во четирите ѕида на државен карантин, со денови се во исчекување некој од овластените лаборатории да дојде и да ги тестира и конечно да си заминат дома по месеците во странство. Наместо решение за заминување дома, во самоизолација, тие и натаму останаа заробени во државен карантин и заклучени во своите соби во хотел „Монтенегро” во Велес.
Постапиле по сите процедури, како што налага владината уредба. По пристигнувањето во државата, самите побарале тестирање за ковид -19, за да можат да отидат во домашна изолација. Во придружба на полицијата дошоле луѓе и им зеле брисеви, за што платиле 5000 денари. Но, и по три дена, резултати нема.
Парадоксот да биде уште поголем, не се знае кој точно ги зел брисевите и како се случила целата ситуација, а за тестирањето не добиле ни фискална сметка, ниту пак некаква потврда.
Почнала потргата по лаборатории. Еден од разговорите е регистриран на ова видео, што ни го испрати слушател на Канал 77.
Од наш слушател добивме информации дека брисевите кои им биле земени, биле земени од луѓе, кои се претставиле како овластени лица од скопската лабораторија „Биотек“ – која впрочем е и овластена лабораторија за тестирање. Меѓутоа, луѓето кои дошле во хотелот не биле од таму, туку од струмичката лабораторија „Ели медика“.
Како се случила оваа ситуација се’ уште никој не ја разјаснува.
Откако резултатите некое време не стигнале и по долги телефонски голготи, на луѓето им било кажано дека резултатите вушност нема да ги добијат се’ додека спорот меѓу струмичката „Ели Медика“ и „Биотек“ не се реши.
– Вие сте платиле голема сума, но резултати нема да добиете додека нашиот спор меѓу докторот и нас не се реши. Имаме спор бидејќи докторот се претставил дека е од „Биотек“ и дека е пратен од нас. Резултатите нема да ви бидат готови затоа што не се почнати да се прават. Вашите брисеви стојат кај нас во лабораторија замрзнати во фрижидер – вака им им било кажано, како што не’ информираа, на луѓето кои се јавиле во „Биотек“.
Од таму им предложиле екипа од „Биотек“ да дојде во хотелот и да им земе нови брисеви, за во текот на утрешниот ден да им стигнат резултати, а парите кои им се дадени на „Ели Медика“ да побараат да им се вратат.
Парите сабајлево, по инсистирање на „Биотек“ им биле вратени на луѓето, меѓутоа остана прашањето како стигнале брисевите во „Биотек“, а притоа (првично) парите ги зела друга лабораторија.
Докторот, кој ни беше посочен дека ги зел брисевите, телефонски го контактиравме, но видно нервозен ни рече дека се оградува од ситуацијата.
Запрашан во кое својство бил во хотелот да земе брисеви, тој само накратко одговори дека „си има договор со „Битоек“ и тие ја сносат целата одговорност“. Одговори на сите следни прашања не’ упати да бараме во „Биотек“.
Од таму пак тврдат дека се’ додека од „Ели медика“ тестовите не им биле донесени до лабораторијата, тие не знаеле за целата ситуација – ни дека брисеви биле земени, ниту пак дека треба да им стигнат ним.
– „Ели медика“ биле исконтактирани од луѓе кои се во државен карантин. Тие отишле земале брисеви и наплатиле цена која не соодветствува со нашата, која е 3950 денари. Целиот проблем е што кога дошле на терен „Ели медика“ се претставиле дека се од „Биотек“, што апсолутно не е точно. Брисевите се земени на 8-ми јуни, а ние вчера, на 9-ти дознавме дека сме биле на терен и сме наплаќале брисеви по 5000 денари, велат од „Биотек“.
Од таму додаваат дека секогаш кога одат на терен се со брендирано возило од „Биотек“, а лицата се облечени во „Биотек“ униформи, а даваат фискални сметки за секоја услуга.
„Биотек“се оградува од случајот. Велат дека договор со „Ели медика“ имале, но по овој случај што го класифицираат како измама, соработката ја прекинале.
Не информираа дека уште истиот ден, на 9-ти испратиле официјален допис до хотелот „Монтенегро“, со кој барале да се известат пациентите кои биле измамени, дека „Биотек“ не се поврзани со тоа што се случило во хотелот, а измамата е направена на штета на „Биотек“.
За да им излезат во пресрет на луѓето кои се во карантин, за да можат да си отидат дома, „Биотек“ сепак ќе ги сработи тестовите кои веќе им стигнале.
„Биотек“ е една од лабораториите, кои со овластување од Министерството за здравство вршат тестирања за ковид 19.
-Нека видат сите како не’ третираат во нашата држава Македонија, нас, кои пристигнуваме од странство, напиша слушателот на Канал 77.