Приватните компании кои работеле во време на пандемијата ќе добијат 20 милиони евра помош од државата, најави Крешник Бектеши – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/20 1:52 PM

Приватните компании кои работеле во време на пандемијата ќе добијат 20 милиони евра помош од државата, најави Крешник Бектеши

По предлог на Министерството за економија, Владата на вчерашната седница ја усвои новата уредба за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во државава, во висина од 20 милиони евра. Уредбата е наменета за приватниот сектор и за сите компании кои продолжија со работната дејност во време на пандемијата, а целта на оваа мерка е да се помогнат домашните компании кои ќе загубат пазарите, повторно да ги вратат назад. Меѓудругото, оваа мерка ќе ја зголеми продуктивноста на компаниите, ќе ја зголеми конкурентноста и ќе се модернизира целиот процес, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

-Сите компании кои во текот на 2020 година имаат реализација на инвестициски проект или ќе изготват таков проект што ќе се реализира оваа и следната година, ги исполнуваат условите за користење на помошта. Оние кои работат во производствени сектори кои се дефинирани за производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно законот за контрола на државна помош, рече Бектеши.

Компаниите со вкупен приход од милион до десет милиони евра во изминатата година, може да добијат до 100.000 евра. За компаниите кои оствариле приход од 10 до 50 милиони евра следуваат 140.000 евра и 200.000 се предвидени за компаниите кои оствариле повеќе од 50 милиони евра вкупен приход во 2019 година.

-Финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализацијата според инвестицискиот план кој ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании со вкупен приход не повисок од еден милион евра. Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31.01.2021 година да достави извештај за текот на реализацијата на планот, со докази дека истиот се реализира во рамки на инвестициониот план, појаснува Бектеши.

Тој додава дека сите кои ќе аплицираат до 31 јули оваа година, согласно објавен јавен оглас од Министерството за економија, треба да достават инвестициски план, тековна состојба и биланс на успех за 2019 година. За процедурата да е поедноставна, Владата донесува одлука да се достави само меница, без банкарска гаранција.

Оваа уредба се разликува со законот кој е во сила, бидејќи Министерството за економија им дава можност на сите компании кои се во дејност на трговија да направат нови инвестициски објкети и се овозможува и на IT компаниите да добијат финансиска поддршка, доколку нивните инвестиции опфаќаат поставување на нови организациони единици за технолошки развој и истражувања и развој на ново софтверско и хардверско решение.

Министерството за економија на денешната владина седница ќе предложи и продолжување на мерката за финансиска поддршка во висина на минимална плата од 14.500 денари.

 

Давор Јосифоски