ЦЈЗ Штип: Ковидот во штипските конфекции во 90% ставен под контрола – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/20 2:04 PM

ЦЈЗ Штип: Ковидот во штипските конфекции во 90% ставен под контрола

Заврши тестирањето на 800 лица во седум штипски конфекции, каде имаше позитивни случаи на ковид 19. Позитивни се тестовите на 126 работници или 15,7% од тестираните. Состојбата со ковид во Штип е ставена под контрола во 90%, е став на директорката на Центарот за јавно здравје во Штип, која две недели по избивањето на болеста во Штип  ја имаше првата прес конференција.

Седум конфекции и две институции имаат вработени позитивни на ковид 19. Денеска е 14-тиот ден од регистрираниот прв заболен во конфекцијата „Ти стајал“, каде има 53 позитивни. Во 80% од случаите, заболените се или со лесна клиничка слика или воопшто немаат симптоми.  Денеска се земаат првите конторлни тестови на заболените, со цел да се утврди евентуалната негативност, по изминувањето на 14 дена од појавата на болеста, период кога се очекува вирусот да е неутрализиран. Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има шест заболени, се чекаат резултатите за останатите вработени. Во Фондот за здравствено осигурување, кој се наоѓа во иста зграда како и ПИОМ, има еден позитивен. Непознато е дали се инфицирале од странки или има некој друг извор на зараза, изјави директорката на Центарот за јавно здравје во Штип, Марија Димитрова.

-Денонокно анкетираат пет лица и се обидуваат да ги откријат сите контакти на заразените. Има заразени и во други институции. Тоа што со труд го направивме е да ја стабилизираме ситуацијата моментално, сите лица кои се позитивни се ставени во самоизолација и нивните семејства и контактите, кои тие ги остваруваат, изјави Димитрова.

Конфекциите имаат познат пат на зараза.

-Според нашите анкети кои ги почнавме на 24 мај, со првиот позитивен случај во конфекција е дека она што го заклучивме досега и се уште се работи на анкетирање лицето, кое прво бешe позитивно и понатаму лицата кои се појавуваат позитивни, е дека остварувале контакт за време на работен процес, за време на пауза, за време на слободни дружења после работа и за време на патување во автобус, кажа Димитрова.

Што се однесува до конфекциите, Димитрова вели дека засега ситуацијата е под контола и нема најава за нов скрининг.

-Ситуација во најголем процент ја држиме под конторола, околу 90 отсто ни е под контрола. Имаме случаеви секојдневно на појава на нови за кои се вршат анкети денеска. Анкетирањето што го прваиме или појавата на новите случаи е работа, што не може да престане. Новите случаи кои се појавија треба да ги анкетираме денеска, кажа Димитрова.

Овие седум конфекции се помалку од една десетина од бројот на конфекциите во Штип. Работниците кои имаат негативни тестови веќе се вратија на работа. Сепак, остана легитимно прашањето, и покрај тоа што се негативни овие работници, дали е безбедно да се вратат на работа.

-Скринингот беше направен во договор со Комисијата за заразни болести. Сите работници што се негативни, можат да се вратат на работа под пропишаните услови за заштита, изјави Димитрова, која изнесе бројка од над 500 луѓе во изолација, а од денеска тој број веројатно ќе биде поголем.

Се работат епидемиолошките анализи на заболените, со цел да се утврдат контактите, што е особено обемна работа, бидејќи на еден заболен има по минумум 10 контакти. Ова предизвика наплив од барања за тестирања , главно на луѓе од семејствата или нивни пријатели.

-Реагирано е од страна на Центарот за јавно здравје да се дозволи преку „МојТермин“ на матичните лекари да пријавуваат лица кои треба да се тестираат и тоа веќе е одобрено. Моментално има многу лица кои сакаат да се тестираат. Тоа е причината што „МојТермин“ и покрај тоа што се зголеми бројката не може да одговори на сите лица, кои сакаат да се тестираат, објасни директорката на Центарот за јавно здравје во Штип.

Од досегашниот број на заболени има и меѓу 6-7 деца, кои се со полесна клиничка слика. Претстои нов скрининг, овој пат на детските градинки во Штип. За два дена треба да бидат земени тестови на 237 вработени. Сепак, колку овој висок пик на ковид во Штип е ставен во контрола, ќе видиме низ бројките.