Сијамски близнаци со споени глави, по успешната операција во Лондон, пристигнаа во Турција – ММС
ММС

Објавено на: 06/10/20 11:02 AM

Сијамски близнаци со споени глави, по успешната операција во Лондон, пристигнаа во Турција

Сијамски близнаци со споени глави од турскиот град Анталија успешно се оперирани во Лондон и се префрлени во Турција, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Близнаците Дерман и Јигит, кои беа во придружба на родителите Омер и Фатма Евренсел, со амбулантен авион на турското Министерство за здравство од градот Лутон се пренесени во Анкара.

Сијамските близнаци Дерман и Јигит се родени на 22 јуни 2018 година во Аланија.

Се лекуваа во неколку болници во Анталија и во Истанбул, притоа водејќи тешка животна борба бидејќи главите им беа споени.

Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган помогна да бидат подложени на операција во Велика Британија.

Близнаците со амбулантен авион беа пренесени во Велика Британија на 1 декември 2019 година за да бидат оперирани.

Тим од дури 42 лекари, вклучувајќи и двајца турски, изврши три големи операции на близнаците. На близнаците на 28 јануари им беа успешно раздвоени главите, по што се лекуваа во болница, а сега по сите предизвици и многу неизвесности се вратени во Турција.