Од 65 дена, цели 55 дена бев на протестите. На протестите беше и Јовче Ременски, а од страна на Владимир Атанасовски ми беше дадена задача да го следам него, да видам дали снима и што прави. Исто така, беа следени и Зоран Заев, Оливер Спасовски, изјави сведокот Александар Василевски – Нинџа, на денешното рочиште за организаторите на 27 април.
Василевски, кој е еден од шеснаесетмината обвинети на вкупно 211 години затвор за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, на денешното судење како сведок рече дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, на кој од страна на специјален тим од УБК во неговиот дом му биле ставени камери.
-На 27 април околу 17:30, Спиро Ристовски ми се јави и ме праша како е состојбата. Се вратив во „Дион“ и околу 18:03 со Веле Петрушевски се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Петрушевски остана во бифе. Јас се качив на осми кат. Таму имаше една сала за состаноци каде ги видов Митко Чавков, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Билјана Бришковска. Чавков ме гледаше како да сака да ме праша што барам јас тука, а јас го чекав Сашо Мијалков, но тој не беше таму. Од таму беа дадени сите наредби за 27 април, изјави Василевски.
-Од штабот тргнав некаде во 19:05. Владимир Атанасовски облечен во тренерки ми даде насоки за известување. Со Веле Петрушевски пеш тргнав пред Триумфална капија и видов многу припадници од прикриен тим. Горан Грујоски имаше прикриен тим од 25 до 30 лица, ми се закануваа да не се предадам дека ќе завршам како Коста Крпач, изјави Нинца.
На трети или четврти мај, Василевски се сретнал со јавниот обвинител Марко Зврлевски, во штабот на ДПМНЕ.
-Нека знае јавноста дека Марко Зврлевски, Гордана Гешовска, Златко Бишовски, беа подобни на службата. Билјана Бришкоска од осмиот кат разговараше со Трајко Велјановски, додаде Василевски.
Обвинетите во овој предмет се поранешниот спикер на Собранието, Трајко Велјановски, екс-министрите за транспорт и врски и образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.