Синоќа, 8 Јуни, со објавувањето на наградите, се заокружи десеттото издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа SEE a Paris 2020.
Фестивалот, којшто веќе две години е под покровителство на Министeрството за култура на Република Франција се отвори на 2 јуни. На отворањето, и оваа година беа доделени трационалите награди за животно остварување: SEE Legend 2020 на познатиот бугарски сценарист Ангел Вагенштајн и SEE Actress 2020, на косовската актерка Арта Доброши.
Наградата Europa Prima 2020 и се додели на поранешната амбасадорка на Франција во Македонија Лоранс Оер, додека францускиот филмски автор Патрик Ротман, се здоби со престижното признание „Frederic Rossif“ за особени остварувања во филмската документаристика.
За време на фестивалските денови пред француската публика се презентира селекција од играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од регионот, која предизвика голем интерес. Жирито во состав: Макс Азуле, претседател, Фредрик Фапани, Роман Костовски, Ив Русле и Патриција Корбет, наградата за најдобар филм му ја додели на турскиот филм „Омар и ние“ (Omar and us), кој ги понесе и наградите за најдобро сценарио и најдобра машка улога (Чем Бендер). Косовскиот филм „Студен Ноември“ (Cold November) ги понесе наградите за најдобра женска улога (Адриана Матоши) и наградата на “Salon du livre des Balknas”.
Наградата за најдобра режија му припадна на Милутин Дариќ – Дака за црногорскиот филм „Дофати го небото“, за најдобар документарен филм беше прогласен филмот на Невен Хитрец „Натегање“од Хрватска, најдобар анимиран филм „Природна селекција “ (Алета Рајиќ) од Босна и Херцеговина, а најдобар краток филм „Бунари“ (Раду Запоројан) од Молдавија.
Наградата на специјаното жири „Париз-Дакар“ ја понесе словенечкиот документарен филм „Недопрено“ (Undamaged), додека наградата на студенското жири на INALCO-Paris-Cite-Sorbonne му припадна на македонскиот филм „Втора шанса“ од Марија Џиџева.
Годинешното јубилејно десето издание на фестивалот, поради вонредната ситуацијата предизвикана со covid19 пандемијата, се одвиваше онлајн, благодарение на поддршката од фестивалската платформа Cinesquare.net и продукциската куќа Cutaway.