Легендарниот грчки кошаркарски клуб оди на продажба. Актуелниот сопственик на клубот, Димитрис Јанакопулос, на денешната прес-конференција ја одреди цената од 25 милиони евра за продажба на гигантот на европската клупска кошарка.
После разноразните перипетија во грчкото првенство, но и отворениот конфликт со челниците на Евролигата и Жорди Бертомеу, трпението на Јанакопулос се чини дека е истечено.
-Од овој момент па понатаму, Панатинаикос е на продажба за 25 милиони евра. Според проценките, вредноста на клубот достигнува до 75 милиони евра, но јас нема да го сменам она што го кажав минатата година, 25 милиони евра, изјави Јанакопулос.
Тој изрази желба ПАО следната сезона да се „откачи“ од Евролигата и да се приклучи во натпреварувањето на ФИБА, Кошаркарската Лига на шампиони.
-Јас не реков дека ние сигурно ќе напуштиме и ќе одиме во ФИБА. Јас реков дека се работи за еднонасочна улица. Мораме да ги земеме предвид сите аспекти. Ова ќе трае, а јас се надевам дека на крајот клубот ќе се придружи на ФИБА, вели Димитрис Јанакопулос.
Претседателот на „зелените“ додаде дека Лигата на шампионите на ФИБА е брзорастечко натпреварување и дека за некое време ќе биде доминантно во европската кошарка.