Откако го „спакуваа“ германскиот напаѓач Тимо Вернер, а официјалната потврда за неговиот трансфер се очекува да биде најдоцна до 15 јуни, Челзи повторно сака да направи пазар во Бундесот и да го засили дополнително нападот.
Абрамович е подготвен да даде повеќе од 70 милиони евра за еден од најталентираните фудбалери во Германија и воопшто во светот и повторно да го потресе „Островот“ и да го направи Челзи далеку поконкурентен во однос на минатата сезона.
Според новинарот кој прв го откри трансферот на Вернер во екипата од Лондон, Кристијан Фалк од „Спорт Билд“, Челзи покажува сериозен интерес за играчот на Баер Леверкузен и во следниот период може да се очекува и конкретна понуда за неговите услуги.
Мини-револуцијата во нападот на Челзи е долгоочекувана, со оглед на тоа дека во изминатите години навалната линија на „сините“ честопати беше импровизирана и некомплетна, ако се изземат Еден Хазард и Диего Коста. Заминувањата на крајот од сезоната на Вилиан и Педро, дотолку повеќе го принудуваат Лампард да изнајде нови опции за нападот, па така после Зијеш и Вернер, Хаверц би било идеалното решение за младиот состав на легендата на Челзи.