Нема веќе субвенции за електричен тротинет, само 50 субвенции за велосипед – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/20 10:49 AM

Нема веќе субвенции за електричен тротинет, само 50 субвенции за велосипед

Град Скопје информира дека нема веќе субвенции за електричен тротинет. Останати се 50 субвенции за велосипед.

– Од објавувањето на јавните повици за доделување субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети, во Град Скопје до денеска се поднесени 2.774 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 214 барања за субвенции за купен тротинет. Во согласност со овие бројки, ги информираме граѓаните дека е исполнета предвидената квота за електрични тротинети, па барања од граѓаните за субвенции за купен тротинет повеќе нема да се примаат. Аплицирањето за субвенции за велосипед е сè уште во тек, а според планираните средства останати сè уште 50 субвенции за купен велосипед, велат од Град Скопје.

Оттаму информираат дека оваа година новина е тоа што заинтересираните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 01 јануари 2020 година.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. А за електричен тротинет, 30 проценти од неговата вредност, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

– Повиците се спроведуваат по принципот „прв дојден, прв услужен”. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет, истакнуваат градските власти.

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед или електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните ги доставуваат до архивата на Град Скопје.

– Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Град Скопје годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети, велат од Град Скопје.

МИА

Фото: msn.com