Оџата од Слупчане ја загуби мајка си, а и двете деца му се позитивни на Ковид-19 – Општина Липково, едно од актуелните жаришта – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/20 9:55 AM

Оџата од Слупчане ја загуби мајка си, а и двете деца му се позитивни на Ковид-19 – Општина Липково, едно од актуелните жаришта

Бројот на заразени и починати од ковид-19 во кумановско е повторно во раст. Но, за разлика од првиот бран кога голем дел од случаите доаѓаа од градот, жариштето во вториот бран е Липково. Бројките го менуваат и односот на локалното население. На почетокот на епидемијата многу жители се сомневаа во постоењето на коронавирус, па веруваа дури и во теории на заговор. Во едно од липковските села, Слупчане, се чини дека тоа се поретко е случај. Голема улога во менувањето на свеста на населението во моментов игра оџата Абдулфета Шахини. Токму неговата мајка е една од жртвите на ковид-19 од овој крај. Шахини вели дека мајка му се заразила на погреб кај блиски роднини, а за првите симптоми мислеле дека се последица на замор.

„Но, не беше така. Тогаш почна да се влошува. Во понеделник и вторник прими две инфузии како терапија, во среда ја однесовме во болницата во Куманово каде и ја задржаа и видоа дека и се намалува кислородот. Утредента не не информираа, но кога отидов да прашам за нејзината состојба, ми рекоа дека ја испратиле во болницата „8 Септември“ во Скопје. Десет дена беше таму. Во четврток, тој ден, и е направен тестот и излезе позитивна на ковид-19. И така 10 дена престојуваше во болница во Скопје во „8 Септември“ до 1 јуни, понеделник. Во 9 часот не известија дека почина”,вели Шахини.

Смртта на неговата мајката за Шахини и за други 40 лица со кои таа имала контакт, значи двонеделна изолација. Од изолираните, само од најблискиот семеен круг, позитивни се 4 лица, меѓу кои и двете деца на оџата.

„Затоа, јас како совет, би ги замолил моите сограѓани, како оџа на ова село, како син на ова село, како еден нивни советник, да не го сфаќаат ова како игра, затоа што не е игра. Да се заштитат, да се заштитат себеси, да ги заштитат нивните семејства, нивните деца. Тешко е две недели да седиш, а да не можеш да се доближиш до своето дете. Да помине празникот Бајрам, за нас слава, а јас да не можам да го гушнам своето дете или да славам со мој родител, со сопругата или семејството. Беше многу тешко. Секој нека се замисли во ваква ситуација. Затоа, браќа, ве молам, во име на Бога, не сфаќајте го ова како игра. Сфатете го сериозно, изолирајте се, придржувајте се на тие правила, услови, оние мерки што се бараат од Министерство за здравство и матичните лекари, но и од другите. Да го надминеме ова и да се вратиме во нормала, како што треба, и потоа да живееме без страв”, вели Шахини.

Погледнете ја целата видео приказна на 360stepeni.mk