Србите планираат да ја заобиколуваат нашата земја на пат до Грција: Споредби на патувањето низ Македонија и Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/20 8:50 AM

Србите планираат да ја заобиколуваат нашата земја на пат до Грција: Споредби на патувањето низ Македонија и Бугарија

Граѓаните на Србија од 15 јуни ќе можат да летуваат во Грција без тестирања и карантини, но единствен пат до Егејското Море, барем како што сега стојат работите, е можен преку Бугарија. Македонија, поради состојбата со коронавирусот во неа, уште ги нема отворено границите, а и не се знае кога тоа може да се случи, пишуваат повеќе српски медиуми. Тие изнесуваат и пресметки, анализи и споредби на патувањето од Србија до Грција преку Бугарија или Македонија.

Така, наведуваат дека цените на горивата во Македонија и во Бугарија се прилично уедначени, но разлика правеле трошоците за патарини и километражата. Српските медиуми пресметале дека севкупно патувањето преку Македонија би било поисплатливо, а и се штедело време – околу 1,5 час, зашто патот до Грција преку Македонија е пократок. Но, се додава дека патувањето преку Бугарија донесува друга заштеда зашто за минување низ бугарска територија не требал зален картон, кој чини 2.000 динари, а е задолжителен во Македонија.

Се анализираат и многу други карактеристики, правила, сообраајни закони, како дозволени брзини, казни, што може да се пренесе преку граница…

Можеби и ќе се престане со тие анализи ако во Македонија ја надминеме кризата со коронавирусот и ги отвориме границите. Во спротивно, заобиколувањето на нашите северни соседи може да им прејде во навика…