Со систематски пристап до трајно решавање на проблемот со лицата без државјанство – порачуваат експертите и невладините.
Без име и без лични документи, лицата кои немаат државјанство се аморфна маса во државата. Неможноста да остварат социјални права е само еден од низата проблеми со кои тие се соочуваат бидејќи не се регистрирани во системот. Овој заклучок, експертите и невладините го нотираа во најновата анализа посветена на правната рамка поврзана со матичната и граѓанската регистрација во однос на спречување на бездржавјанство.
Авторот на анализата, Борче Давитковски вели дека треба да се најдат правни решенија кои ќе придонесат на овие луѓе да им се регулира статусот. Тој вели дека статусот на овие луѓе може да им биде утврден преку судска постапка, а потоа со посредство на МВР и Министерството за правда да им бидат издадени документи:
„Имаме различни категории – некои лица имаат идентитет, но немаат државјанство, имаме многукои немаат ниту иднетитет ниту државјанство. За жал Македонија се’ уште нема ратификувано една Конвеција од 1961 година, па се надевам дека час поскоро и таа ќе биде ратификувана“.
Анализата изработена во сорботка со УНХЦР и ОБСЕ алудира на тоа дека проблемот треба да се реши трајно. Дејан Кладарин од канцеларијата на УНХЦР во Скопје смета дека проблемот е решлив, но пристапот треба да биде системски.
„Во ова анасока започнавме глобална кампања во 2014 која трае до 2024. Проблемот е решлив, но потребно е системски да се пристапи кон решавање Се гледа дека постои иницијатива и желба. Важно е да се работи на идентификување на тие лица на терен и процедурите да се олеснат и да се поедностават за да им се овозможи пристап на овие лица до сите права без дискриминација“.
Вршителот на должност шеф на Минисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн додаде дека и децата на лицата без државјанство не можат да бидат регистрирани, иако се родени овде.
„Ние имаме блиска соработка со МТСП и мислиме дека во иднина ќе има соработка со Владата за да се реши овој проблем. Важно е да се види кои амандмани се потребни на законите, но важно е и Владата да има поголеми контакти со невладините, бидејќи има многу нерегистрирани луѓе. Луѓето ако не знаат како да се регистрираат проблемот нема да може да се реши и покрај законите. Овие луѓе имаат различни проблеми и не можат да користат социјални бенефити, немаат патни исправи па проблемите се различни, но се тешки“.
И покрај согласноста дека се работи за горлив проблем , во државата нема официјална бројка колкав е бројот на лицата што се без државјанство. Податоците на невладините организации пак, се различни и бројките варираат од 700 до 4000.
Вања Мицевска