Фудбалер бил заглавен 74 дена на аеродром – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 6:05 PM

Фудбалер бил заглавен 74 дена на аеродром

Ренди Џуан Милер, фудбалер на Гана буквално го одживеа филмот „Терминал“ со Том Хенкс. 23-годишниот Милер помина 74 дена на аеродром во индискиот град Мумбаи. Фудбалерот живееше на аеродромот речиси три месеци од 21 март до 3 јуни, бидејќи летовите до Гана беа откажани поради пандемијата од коронавирусот.

Милер заминал во Индија во ноември, за да игра за клуб од Керала. Кога беше објавена пандемијата, се обидел да се врати во родната земја, но сите летови беа откажани и тој беше блокиран на терминалот.

„Дојдов во Индија со шестмесечна виза. Заработував 20-30 фунти по меч и ретко играв, а потрошив над 1.500 фунти за визата и авионските билети. Кога се прогласи пандемијата, си купив билет за Гана, но летовите беа откажани и останав на аеродромот со надеж дека ќе фатам некој лет. Тоа не се случи“, раскажува Милер.

74 дена тој живеел од милоста на вработените на аеродромот и патниците кои патувале во границите на државата, бил сместен во аеродромскиот хотел.

-Том Хенкс и филмот „Терминал“ ми беа инспирација. Рано станував, се туширав и потоа шетав по терминалот. Вработените ми даваа храна и малку пари кои бргу ги трошев бидејќи на аеродромот се е скапо. Секој дена имав иста рутина. Гледав во небото и авионите. Не губев надеж дека еден ден и јас ќе бидам во еден од тие авиони. –  рекол Милер.

Кога приказната по 74 дена стигнала до претседателот на фудбалскиот сојуз на Мумбаи тој најпрвин го сместил фудбалерот во хотел во Бандра, а потоа и му обезбедил лет до Гана.