Во сите објекти на градинката „Павлина Велјанова” во Кочани од денеска почна вонредно дезинфицирање и чистење, како превентивна мерка против ширењето на коронавирусот.
Акцијата е резултат на новите девет позитивни лица, вработени во градинката, кои беа откриени вчера со скрининг тестирањето што беше направено минатата недела.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев информира дека со директорката на градинката договориле да се направи целосна дезинфекција на просториите во петте објекти на јавната детска установа, иако децата не престојуваат во нив од почетокот на кризата.
– Карактеристично е што сите девет вработени во моментот се во добра здравстена состојба и не покажуваат никакви симптоми на Ковид-19. Како превентива, заедно со уште 25 други лица, кои се нивни блиски од семејствата, тие во наредниот период ќе останат во домашна изолација, истакна Илијев.
Од детската градинка потврдија дека скринингот за вработените бил повеќе од неопходен, а добиените резултати покажале дека мора сериозно да се пристапува кон мерките за заштита.
– Поради најавата за отворање на градинките, вработените наизменично и во мали групи беа повикувани на работните места, при што добиваа насоки за почитување на мерките и за носење заштитна опрема додека се средуваат просториите. Сите постапуваме според протоколите и ги запазуваме насоките донесени од Комисијата за заразни болести, а за вработените во градинката се обезбедени дезинфекциски средства и заштитна опрема, истакна Едита Миткова, директорка на градинката „Павлина Велјанова”.
Поради порастот на бројот на позитивни случаи на коронавирус за утре е закажана нова седница на Општинскиот кризен штаб на Кочани, на која треба да бидат утврдени дополнителни активности за заштита на граѓаните.