Хелсиншки со кривична пријава против академик Катица Ќулафкова поради говор на омраза – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 12:45 PM

Хелсиншки со кривична пријава против академик Катица Ќулафкова поради говор на омраза

„Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, овој твит на академик Катица Ќулафкова, кој набрзо потоа го избриша предизвика лавина коментари, а доби и кривична пријава поради говор на омраза, која ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оваа нејзина изјава, за која велат дека поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници се рашири, не само меѓу твитерџиите, туку и институциите, за која, како што велат од  Хелсиншкиот комитет за човекови права, состојбата пр едизвикана од појавата на коронавирусот, деновиве интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи.

„ Во првите недели од почетокот на вонредната состојба, дискриминаторските изјави беа насочени кон заболените од Ковид-19, преку барања за објавување лични податоци, нарушување на правата на пациентите и слични форми на стигматизација. Тензиите предизвикани од рестриктивните мерки постепено се префрлија во сферата на национализмот, за што во голема мера придонесува и фактот што се наоѓаме во предизборен период. За жал, сите апели за солидарност и емпатија во услови на непогода која ги засега сите граѓани, стануваат беспредметни кога на здравствената и економската криза, ќе се надоврзе и криза во меѓуетничките односи, велат од таму.

За ваквата состојба, според нив,  придонесоа многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.

-Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти.  А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.  Иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сметаме дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразата. Истовремено, апелираме до сите граѓани и општествени чинители да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие исклучително негативни појави, стои меѓу другото во објавата на Хелсиншки на Твитер.