Горивата поскапи за еден до 1,5 денар – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/20 12:00 PM

Горивата поскапи за еден до 1,5 денар

Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за еден до 1,5 денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,23 отсто.

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), се зголемуваат за еден денар по литар и ќе изнесуваат 58, односно 50 денари. Цените на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,5 денар по литар и ќе се продаваат за 60,5 и за 39 денари.

Со одлуката на РКЕ за 1,353 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 24,613 денари.

Како причина за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемената референтна цена на светскиот пазар на бензинот од околу 11,3 отсто и на дизелот за околу 10,42 отсто во изминатите седум дена, како и за 1,933 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.