Зградата во којашто се сместени штипските подрачни единици на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравствено осигурување денеска е затворена, бидејќи се прави комплетна дезинфекција на сите канцеларии.
Надлежните од вие две институции информираат дека дезинфекцијата се прави откако во подрачната единица на Фондот за ПИОМ и официјално е потврдено дека тројца од вработените се позитивни на Ковид 19. Додека, во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување има потврдено еден позитивен случај и двајца вработени се во самоизолација.
Надлежните од штипскиот Фонд за ПИОМ велат дека на сите вработени им е извршено тестирање во текот на викендов и сега во своите домови ги чекаат резултатите. Вкупниот број на вработени во овој фонд се 17 и по добивањето на резултатите во текот на денешниот или утрешниот ден ќе се донесе и одлука како ќе се продолжи работата.
Додека, пак, од Фондот за здравствено осигурување велат дека и денеска работат со странките, но по електронски пат. Во овој фонд вработени се вкупно 25 лица. Инаку уште од почетокот на пандемијата е направена реорганизација во просториите на овој фонд и со странките се работи само на еден шалтер, а вработените се со заштитни маски и на социјална дистанца од два метри.
МИА